ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Фељтон: ИДНИ НАСОКИ ЗА РАЗВОЈ НА АГРОСЕКТОРОТ
24.06.2019 👁 Прочитано: 1432

ИДНИ НАСОКИ ЗА РАЗВОЈ НА АГРОСЕКТОРОТ - втор дел



Субвенциите не го постигнаа посакуваниот ефектВаско Ристовски, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија
Продолжуваме со презентирање на делови од материјалот за „Идните насоки за развој на агросекторот“, изработен од страна на стручната служба на Комората (кој беше разгледан и на седницата на Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија), согласно кој фокусот се става на неколку сегменти лоцирајќи ги слабостите на досегашната аграрна политика.

Изминатите две недели дадовме општ осврт на проблемот и се фокусиравме на неколку целини:

- Зачувување на диверзитетот на растителни генетски ресурси;

- Агроеколошки мерки;

- Советодавни служби во земјоделството;

- Рурален развој - Проект „Smart villages“.

Продолжуваме со други целини...

Традиционални земјоделски производи

Македонија не може да биде конкурентна на странските пазари со стабилни големи количини на земјоделски производи, но секако дека наша предност се ексклузивниот вкус, изглед, хемиски состав на производот што може да биде валоризиран.

Приоритет: Во таа насока, потребно е да се стимулираат малите семејни бизниси од иновативен карактер, кои традиционално ги имаме во различни региони, преку производство на различни продукти, препознатливи само за тоа поднебје (мед, грозје, тутун, разни алкохолни/безалкохолни пијалаци, маџун, мармалад, чаеви, мелем, зачини, сушено овошје, сирење).

Земјоделско земјиште

Една од главните причини за ниско и неефикасно земјоделско производство и најголем ограничувачки фактор за зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство се малите земјоделските стопанства и фрагментацијата на парцелите. Поголемиот дел од фармите се во сопственост на голем број мали земјоделски стопанства кои не се способни да генерираат доволен приход за пристоен стандард на живеење и инвестиции во развојот на производството на фармата.

Приоритет: Затоа, една од клучните мерки во создавањето конкурентен земјоделски сектор се однесува на земјишната политика чија основна цел е да се консолидира земјиштето и да се регулира земјоделското земјиште.

Оттука, се наметнува потребата да се поттикне консолидација на земјоделското земјиште и да се пушти во употреба запуштено земјоделско земјиште и државно земјоделско земјиште кое не е во функција на земјоделско производство.

Резултати: Само на тој начин ќе се создадат предуслови за одржување на земјоделското производство и задржување на луѓето, особено помладата популација во руралните средини.

Подобрување на пазарните механизми за продажба

на земјоделски производи

Приоритет: Подобрувањето на комуникацијата на земјоделските производители со пазарот е еден од предусловите за зголемување на конкурентноста. Проблемот во Република Македонија не е прекумерно производство на одредени производи, каков што беше случајот во ЕУ, туку меѓусебната неповрзаност на производителите, како и недостатокот на организација на нивниот заеднички настап на пазарот. Формирањето на структури кои би се занимавале со организација на маркетингот и организација на производителите е од суштинско значење за полесно складирање, пакување и пласман на производи кај големите трговци кои бараат големи количини на земјоделски производи со воедначен квалитет.

Приоритет: Прехранбената индустрија треба да се приспособи на зголемените очекувања на потрошувачите во однос на квалитетот и здравствената безбедност и да изгради производи кои ќе бидат препознатливи на пазарот (разни меѓународно признати системи за етикетирање на производи, како што се географско потекло, бренд, еколошки производи итн.), да спроведува промотивни кампањи при ставање нови или редизајнирање на постојните производи, вршење промоција на оригинални македонски производи. За да се подобри пласманот на домашната прехранбена индустрија, неопходно е да се спроведат информативни кампањи за домашните и меѓународно прифатените стандарди и системи за контрола на квалитетот и производи за здравствена заштита и да се зајакнат започнатите процеси на реструктуирање со посилна промоција на производите преку туристички понуди.

Зајакнување на свеста за заштитените ознаки за потекло, заштитените географски ознаки и загарантирани традиционални специјалитети

Важноста на заштитата и регистрирањето на името на земјоделски или прехранбен производ како заштитена ознака за потекло, заштитена географска ознака или загарантиран традиционален специјалитет во Република Македонија сè уште не е доволно признаена и препознаена од потрошувачите или од производителите.

Приоритет: Несомнено заштитените производи имаат додадена вредност. Притоа, треба да се истакне дека на пазарот постојат потрошувачи кои се подготвени да платат поголем износ за заштитени производи, но сепак, постои недоволно познавање на ознаките на производите и нивното значење. Производителите на заштитените производи главно ги продаваат своите производи на специјализирани саеми, во помали специјализирани продавници или директно „на прагот“ како причина за ниското ниво на познавање на производите.

Резултати: Активности во насока на унапредување на заштитените производи и нивното значење се клучните фактори за зголемување на побарувачката на заштитениот производ и со тоа да се генерира поголем интерес кај домашните производители да произведуваат вакви производи.

Покрај тоа, производителите кои учествуваат во постапките за оцена на сообразност на производите со спецификацијата на производот и на пазарот на производи чие име е заштитено како заштитена ознака на потекло, заштитени географски ознаки и традиционални обележја, се` уште не се доволно запознаени со обврските кои произлегуваат од учеството во системот.

Продолжува...

ИДНИ НАСОКИ ЗА РАЗВОЈ НА АГРОСЕКТОРОТ - втор дел
ИДНИ НАСОКИ ЗА РАЗВОЈ НА АГРОСЕКТОРОТ - втор дел
ИДНИ НАСОКИ ЗА РАЗВОЈ НА АГРОСЕКТОРОТ - втор дел
ИДНИ НАСОКИ ЗА РАЗВОЈ НА АГРОСЕКТОРОТ - втор дел
ИДНИ НАСОКИ ЗА РАЗВОЈ НА АГРОСЕКТОРОТ - втор дел