ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Порака од еснафот
16.07.2019 👁 Прочитано: 1552

ПРАВНА ИЗВЕСНОСТ ЗА ПОГОЛЕМА ИНВЕСТИЦИСКА АКТИВНОСТ


Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопапнската комора на Македонија

Градежниот сектор има значајна улога за стимулирање на економскиот раст, подобрување на социоекономските услови и креирање нови вработувања. Сепак во земјите во развој, како што е и нашата држава, градежништвото се соочува со многубројни предизвици и проблеми кои во голем дел се резултат на бавноста на државниот апарат и честото менување на законските прописи кои изминатиот период влијаеа и врз инвестициската активност на приватниот сектор.

Во моментот се соочуваме со клучен предизвик - да се донесат квалитетни и применливи закони од областа на градежништвото - Закон за урбанистичко планирање и Закон за градење како прописи од суштинска важност за секторот. Процесот бара заложби и активно учество на сите засегнати страни, меѓутоа со почитување на постапката за донесување на законите, транспарентно и навремено коментирање во стадиум кога нацрт - прописите се објавуваат на страната на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) и без многубројни суштински амандмани откако истите ќе влезат во собраниска процедура. Наведеното со цел да се овозможи еднаков пристап кон засегнатите страни и да се спречи губење на смислата и целта на предложените законски решенија од моментот на нивното предлагање до моментот на нивно усвојување.

Законот за урбанистичко планирање треба да претставува устав на градежништвото и да биде темелен и системски пропис со кој ќе се усогласат другите закони од оваа област. Експертите од областа на планирањето со децениско искуство, поголемиот дел од нив членки на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопапнската комора на Македонија дадоа квалитативен придонес во подготовката на текстот на Предлог – законот за урбанистичко планирање. Сепак по влегување на текстот во собраниска процедура се предложени стотици амандмани од институции и засегнати страни кои пак беа инертни во фазата кога истиот беше објавен на страната на ЕНЕР, со што значително се обремени текстот на Прелдог - законот и се изгуби смислата на целиот процес.

За таа цел, апелираме, институциите да ја надминат оваа практика и навремено да се вклучуваат во постапката за подготовка на законите кои се од суштинска важност за стопанството и да не ја гледаат еднострано потребата од нивното донесување со цел истите да бидат применливи за градежните компании и да одговараат и на потребите на реалниот сектор.

Законот за градење пак е во почетна фаза на подготовка. Здружението веќе одржа работна средба со претставници на Министерството за транспорт и врски на кои беа презентирани концептот, потребата, целите и суштинските измени кои се предлагаат во однос на нормирањето на материјата од областа на градењето. Задоволни сме од соработката со Министерството и очекуваме дека инклузивниот процес ќе продолжи до усвојувањето на конечниот текст на Предлог – законот за градење, а забелешките и предлозите на компаниите ќе бидат земени предвид при неговата подготовка.

ПРАВНА ИЗВЕСНОСТ ЗА ПОГОЛЕМА ИНВЕСТИЦИСКА АКТИВНОСТ