АНАЛИЗА НА ТРГОВСКИТЕ ОДНОСИ И ДОГОВОРОТ ЗА СОРАБОТКА СО ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО

   

АКТУЕЛНО / 24.02.2020
👁 Прочитано: 103


АНАЛИЗА НА ТРГОВСКИТЕ ОДНОСИ И ДОГОВОРОТ ЗА СОРАБОТКА СО ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО

Секретаријатот за европски прашања при Владата на РС Македонија пред бизнис-заедницата ја презентираше Анализата на трговските односи и договорот за трговска соработка помеѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство.

Во таа насока, општата констатација од Анализата е дека целисходно е воспоставувањето на зона на слободна трговија меѓу двете страни (РСМ и ОК) што се предлага во Протоколот (ПТСА). Важно е да нема нерегулираност на трговските односи меѓу нашата земја и Британија. Со Протоколот потребно е да се обезбеди почитување на решението меѓу Европската унија и Велика Британија, притоа имајќи ја предвид Спогодбата за стабилизација и асоцијација и регулирањето на дел од трговијата преку квоти, врз основа на решението применето во Спогодбата, кое е соодветно за избраните производи. Предложените квоти од страна на Обединетото Кралство се поволни затоа што оставаат простор за значајно интензивирање на трговијата меѓу двете страни, посочи проф. д-р Силвана Мојсовска, надворешен консултант вклучена во изработка на Анализата за воспоставување трговски односи и договор за трговска соработка помеѓу нашата земја и Велика Британија.

На заеднички состанок со четирите најголеми стопански комори - Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии - МАСИТ и Сојузот на стопански комори на Македонија, во рамки на Проектот на УСАИД „ПАРТНЕРСТВО ЗА ПОДОБРА БИЗНИС РЕГУЛАТИВА“, во чии рамки е формирана и Платформата за јавно приватен дијалог, во своето излагање проф. Мојсовска даде краток осврт за сценаријата за излез на Обединетото Кралство од заедничкиот пазар во однос на трговските прашања:

- до 31 декември 2020 година да се постигне договор за слободна трговија кој ќе стапи на сила иако не е постигнат целосен договор по сите отворени прашања помеѓу Европската унија и Обединетото Кралство;

- ако не се постигне договор за слободна трговија и нема продолжување на транзицискиот период, во тој случај во трговските односи помеѓу двете страни ќе се применуваат правилата на Светската трговска организација (СТО) и ќе важи принципот на најповластена нација на СТО што е понеповолна во споредба со преференцијалните правила на договорите за слободна трговија и

- како трета опција во случај да не се постигне договор за слободна трговија, но има продолжување на транзицискиот период, тогаш важат условите за првото сценарио.

Како значајни фактори кои влијаат врз надворешната трговија на РСМ кон ЕУ се: потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) во 2001 година; проширувањата на Европската унија; влезот на т.н. „зелени‟ СДИ во технолошко-индустриските развојни зони во РСМ од 2009 година па наваму, кои во автомобилската индустрија се точка на пресврт за македонската надворешна трговија. Странските директни инвестиции во автомобилската индустрија започнаа со производство на производи со повисока додадена вредност, главно наменети за извоз, меѓутоа голем дел од овие компании потребните суровини и другите инпути за производство ги увезуваат, што од друга страна повлече промена и на увозната страна.

Од вкупно 15 компании од технолошко индустриските развојни зони, основани со странски капитал, 11 компании се на страната на увозот, додека 5 се на страната на извозот. Увозот од Обединетото Кралство е целосно детерминиран од странските директни инвестиции.

Обединетото Кралство е позиционирано како најважен стратешки трговски партнер на РСМ во однос на увозот, анализирано според структурата на трговијата по производи и тоа: платината, паладиумот и уранот (легурите) се најувезувани производи. Овие три производи учествувале со околу 80% во македонскиот увоз од ОК во 2010 година, со тренд на раст до 89,4% во 2018 година и 91,5% во 2019 година (првите три квартали). Во апсолутна вредност, увозот на овие три производи пораснал од 170,6 милиони евра во 2010 година на 651,9 милиони евра во 2018 година и 673,2 милиони евра во првите три квартали во 2019 година.

На настанот, воведно обраќање имаше Драган Тилев, државен советник во Секретаријатот за европски прашања, кој се осврна на историјатот на односите на земјата со ЕУ, како и улогата на бизнис-заедницата во процесот на пристапни преговори со ЕУ.

Шерифе Исмаили Касапи, раководител на Проектот „Нордиска поддршка за напредокот на Северна Македонија“, имплементиран од УНОПС - Канцеларија на Обединетите нации за проектни услуги, го презентираше проектот кој има за цел да го зајакне капацитетот на нашата држава за интеграција во Европската унија, како и активностите што се поврзани со спроведување на клучни реформи поврзани со процесот на пристапување во ЕУ, обезбедување на добра законска рамка и развој на одржливи политики кои ќе бидат од корист на граѓаните.

м-р Ивана Крстевска