ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
21.05.2019 👁 Прочитано: 841

РАБОТНА СРЕДБА АЗЕСКИ-МАРТЕНС


На 20 мај 2019 година во просториите на Стопанската комора на Македонија се одржа работна средба меѓу претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески и директорот на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, Патрик Мартенс. На состанокот и двете страни ги презентираа своите тековни и идни проекти и ги разгледаа можностите за понатамошна заедничка соработка.

Претседателот Азески истакна дека Германија низ годините стана еден од основните стратешки партнери за раст и развој и пробивање на македонските компании на европскиот пазар. Германија е земја со којашто трговската соработка бележи значителни зголемувања во последните неколку години, за што говорат и статистичките податоци- вкупната трговска размена за првиот квартал од 2019 година во износ од 1,12 милијарди САД$ е со пораст од 6,7% во однос на истиот период од 2018 година. Извозот во вредност од 873,5 милиони САД$, бележи зголемување од 10,4%, додека увозот во износ од 251,3 милиони САД$, бележи намалување од 4% во споредба со анализираниот период од 2018 година. Во вкупната трговска размена се бележи суфицит од 622,2 милиони САД$, кој во однос на првиот квартал од минатата година е зголемен за 17,5%, рангирајќи ја Германија прва на листата трговски партнери на Република Северна Македонија и една од ретките земји со коишто бележи суфицит во трговската размена.

Делегацијата на германското стопанство во земјава има за цел да им помогне на германските, но и на домашните компании во насока на зголемување на економската соработка меѓу двете земји, истакна Мартенс. Токму поради истите ставови по одделни прашања и заедничките гледишта за идна соработка, тој смета дека двете Комори во наредниот период со заеднички сили ќе можат интензивно да работат на креирање на заеднички проекти и комплементарни услуги за помош на стопанствениците од двете земји.

Двете страни едногласно се согласија дека во наредниот период потребно е интензивирање на меѓу-институционалната соработка бидејќи постојат многу проектни активности преку коишто може да се работи за подобрување на реалниот сектор и да придонесе за раст на економиите на двете земји.

м-р Сања Николова