МИТОТ „DOING BUSINESS“

   

👁 Прочитано: 1097


МИТОТ „DOING BUSINESS“
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија

Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија
Оваа година во Извештајот „Doing Business 2020“, согласно условите за водење бизнис рангирани сме на 17-тото место во светот, што е прилично високо рангирање ако се земе предвид дека овој Извештај оценува како деловната регулатива во 11 области, во 190 економии влијае на малите и средни домашни фирми. Согласно методологијата на Светска банка за оценка на регулативата, се зема предвид средно претпријатие од стандардна дејност, кое најчесто е лоцирано во најголемиот град во државата. Од 11 области од деловната регулатива 10 го формираат индикаторот за условите за деловно работење и водење бизнис, врз основа на што се прави рангирањето, додека карактеристиките на пазарот на трудот за кои исто така се прават истражувања  не се вклучени во индикаторот.

Истражувањето и рангирањето се врши врз основа на четири главни извори на информации: релевантните закони и регулативи, информации кои се добиваат од примерок кој е составен од компании, информации од надлежните владини институции во државите во кои се прави мерењето, како и информации кои се обезбедуваат од регионалниот персонал на Светска банка. Податоците од Извештајот „Doing Business“ ги користат владите во различните држави, истражувачи, меѓународни организации и невладини организации, а во поново време истите се употребуваат и за развој на нови индекси (идентификувани се 20 различни нови синтетички индекси кои во себе ги вклучуваат и податоците од Извештајот „Doing Business“).

При користењето и интерпретацијата на податоците од овој извештај, треба да се земат предвид неговите предности, но и ограничувањата кои произлегуваат од методологијата која се употребува. Имено, методологијата е така дизајнирана да може лесно да се примени во различните држави за да се утврдат одредени специфични карактеристики на деловната регулатива, односно како таа се имплементира од владите и како истата е оценета од приватните компании. Но, со методологијата на Извештајот „Doing Business“  не сe опфаќаат одредени аспекти кои се значајни за деловното окружување.

Така, многу важни области кои се релевантни за оцена на деловното окружување, како на пример, политичката стабилност, макроекономската стабилност, развој на финансискиот систем, големината на пазарот, владеењето на правото, митото и корупцијата или квалитетот на работната сила не се земени во предвид во Извештајот „Doing Business“, а истите влијаат на деловното окружување, како и на конкурентноста на домашната економија.

Во областа „Плаќање на даноци“, оваа година ние сме рангирани на 37-то место, првенствено како резултат на ниските даночни стапки. Во оваа област покрај вкупната даночна стапка (која ги вклучува директните и индиректните даноци и придонесите од задолжително социјално осигурување), се оценува и бројот на плаќања, како и времето кое е потребно за плаќање на данокот, вклучително и на времето потребно за усогласување со барањата во регулативата и повратот на определен вид на данок.

Со цел споредливост на податоците помеѓу различните економии кај овој индикатор како претпоставка се зема дека фирмата за која се оценува деловното окружување во делот на плаќање на даноци е основана на почетокот од 2017 година, истата е средна и работи во областа на производство на керамички производи и трговија на мало со истите. Оваа претпоставка ги исклучува фирмите од други дејности, а исто така не ги зема предвид  парафискалните давачки кои за фирмите од некои дејности за обезбедување на лиценци, дозволи и слично се прилично високи. Исто така, Извештајот го мери плаќањето на даноци, но не ги мери придобивките од социјалните и економските програми финансирани со даночни приходи.

Во областа „Прекугранично тргување“, нашата држава во последниот извештај е рангирана на 32-рото место. Во оваа област се мерат времето и трошоците за извоз на производи и за увоз на автомобилски делови. Мерењето во оваа област не ги вклучува тарифите во меѓународниот транспорт, како и инфраструктурните предизвици со кои се соочуваат фирмите, односно степенот на развојот на железничката и патната инфраструктура и поврзаноста на земјата, кои се од исклучително значење за конкурентноста на одредена држава. Исто така, со оглед на специфичноста на доброто кое се увезува (автомобилски делови), мерењето не е реално, бидејќи не ги вклучува нетарифните бариери кои се појавуваат во прекуграничното тргување (пред се` кај земјоделските производи). 

Оттаму, а имајќи ги предвид посочените методолошки слабости (во конкретниов случај за областите: „Плаќање на даноци“ и „Прекугранично тргување“) Извештајот „Doing Business“ на Светска банка од страна на креаторите на економската политика кај нас може да се користи како алатка со која би се истакнале одредени предности пред потенцијални инвеститори, бидејќи истиот обезбедува споредливост помеѓу различните економии, но истите не смеат да бидат целосно фокусирани на креирање на мерки со единствена цел подобро рангирање во овој извештај.

Наместо тоа, за да имаме суштински резултати и македонските фирми да почувствуваа реални придобивки од подобреното деловно окружување, надлежните институции треба да се фокусираат на сериозно разгледување на барањата на компаниите. На пример, ако зборуваме за претходно специфицираните области во делот на плаќање даноци и прекугранично тргување да се земат предвид барањата за редуцирање на парафискалните давачки, нетарифните бариери и барањето за ревидирање на царинската политика во насока на ревидирање на царинските стапки.