Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ОБРАЗОВАНИЕ
13.06.2019 👁 Прочитано: 2176

ДУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ - ПРИДОБИВКИ И ПРОЦЕНКА НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА


Наташа Јаневска
м-р Наташа Јаневска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонијa
Генерално е размислувањето дека имаме потреба од воведување дуален систем на образование во нашата земја за да обезбедиме поголема флексибилност на образованието кога е во прашање приспособување кон потребата на пазарот на работна сила. Извештајот на ЕК за напредокот на нашата земја констатира дека околу 80% од невработените се долгорочно невработени, како одраз на неусогласеност на вештините и компетенциите. Стапката на вработеност е зголемена, од 44% во 2012 година, на 51,7% во 2018 година, но споредено со останатите земји во регионот останува на ниско ниво. Според Извештајот, во последните 5 години, работната сила се намалила за речиси 1%, но тоа се должи на високата емиграција .

Но, илузија е ако се мисли дека дуалниот систем на образование веднаш ќе можеме да го воспоставиме. Тоа е долгорочен процес, потребни се сериозни зафати и затоа, во моментов, во образованието започнавме со проектни иницијативи. Важно е да се доближи компанијата до ученикот за да го почувствува духот на компанијата и да се демистифицира поимот „работа кај работодавач“. Тоа значи „она што ќе го слушнам - бргу го заборавам, она што го гледам – го помнам, но она што сам ќе го направам - добро го знам“. Само на таков начин ќе ја разбереме потребата на новото време - оспособени и стручни лица, со што ќе се зголеми конкурентноста на претпријатијата, но и ќе се намали стапката на невработеност.

Дуалното образование со себе носи нови предизвици, но тоа не значи дека не сме во состојба да ги решаваме. Истите треба да ги преточиме во седум наши придобивки:

Прво , поттикнува динамичност и приспособливост на образованието за релевантните потреби на реалниот сектор и економијата, а со тоа придонесува за намалување на невработеноста и конкурентна економија. Во Извештајот на ЕК е забележано дека несогласувањето во вештините ја попречува конкурентноста и растот, а јазот помеѓу вештините што ги стекнале учениците и оние што ги бараат компаниите, го ограничува потенцијалниот раст.

Второ , поттикнува модернизација на образовните програми за постојните квалификации и дизајнирање нови квалификации според економските и технолошките потреби изајакнување на улогата на Националната рамка на квалификации. Извештајот на ЕК ја истакнува улогата на формираните секторски комисии за квалификации како одговорни за анализа на постојните квалификации, предлагање нови квалификации и давање мислења за усогласеноста на стандардите за занимања и стандардите за квалификации со програмите за испитување.

Трето , насочува процес за постигнување релевантни резултати од учење преку модуларизација на образовните програми и овозможува флексибилен пристап на практичната обука кај работодавачите. Истовремено ја поттикнува атрактивноста на стручното образование. Во Извештајот е констатирано дека во тек е учењето преку работа и подобрување на квалитетот на практичната обука, но мора да се фокусираме на воведување пофлексибилен, модуларен наставен план за стручно образование и обука со директно вклучување на работодавачите.

Четврто , поттикнува примена на кредитен систем во стручното образование и обука и преносливост на кредити од еден модул во друг, движење низ рамката на квалификации и стекнување една или повеќе квалификации на полесен и брз начин . Претставува потенцијал за зајакнување на социјалната вклученост, подобрување на инклузивноста и еднаквите можности. Според Извештајот на ЕК, родовиот јаз е забележителен, околу 78% од мажите учествуваат на пазарот на трудот, во споредба со 52% од жените, со мали промени во изминатите 5 години.

Петто , обезбедува нов пристап во наставата и практичната обука и стручно оспособени наставници за ваков тип настава, споделени финансиски средства помеѓу државата и компаниите и намалување на трошоците на компаниите за доквалификација. Во Извештајот на ЕК фокусот е ставен на зголемување на поддршката за обука и понатамошно вложување во професионалниот развој на наставниците во стручното образование и обука и обезбедување ефикасен процес на проценка.

Шесто , поттикнува квалитетна соработка помеѓу училиштата и реалниот сектор преку синергија помеѓу образовниот систем и пазарот на работна сила на сите нивоа и зајакната улога на Комората во целиот процес. Извештајот на ЕК нотира дека недостатокот на квалификувани работници дополнително ја отежнува соработката помеѓу странските и домашните компании, што ја попречува структурната трансформација на економијата .

Седмо , обезбедува практично работно искуство и заработка на ученикот, како позитивен придонес за вработување.

Токму затоа, синтагмата дуално образование - инвестирање во иднината станува реалност. Тоа значи, квалификувани стручни кадри, конкурентност на компаниите, зголемена продуктивност и трансфер на знаење.