ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
КОМОРСКИ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ (КИФ)
09.07.2019 👁 Прочитано: 1601

Една година по Самитот во Лондон - НАПРЕДОКОТ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН И ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА ЕДИНСТВЕНА РЕГИОНАЛНА ЕКОНОМСКА ОБЛАСТ (РЕО)


Сања Николова
м-р Сања Николова,
стручен соработник во Стопанската комора на Македонија
Минатата недела во Познањ, Р. Полска, се одржа 6. Самит на Западен Балкан, на којшто покрај земјите од Западен Балкан, присутни беа и претставници од европските земји, чинители на европските политики и едни од главните играчи во процесот на интегрирање на Западен Балкан кон ЕУ.

На Самитот, како и секоја година, така и оваа, од страна на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) беа презентирани Заклучоците и реализираните активности од последниот Самит на ЗБ 6, што се одржа минатата година во Лондон. Општите макроекономски параметри покажуваат дека економиите во регионот се стабилизирани на прилично задоволително ниво, дека економскиот раст е видлив и дека напорите за промовирање на регионот како една дестинација за инвестиции имаат влијание. Податоците на Светска банка покажуваат дека растот на БДП во 2018 година достигна 3,8%, додека за 2019 и 2020 година се очекува да ја надмине стапката на ЕУ со просечен годишен раст од 3,7%. Сепак, за да се приближиме кон поразвиените делови на Европа, земјите од регионот треба да имаат повисоки стапки на раст, од 7% до 8%. Оттука, произлегува потребата шесте земји заеднички да ги зголемат напорите во сите области и да го направат растот опиплив за секого.

Меѓутоа, иако од сите аспекти спроведувањето на единствената Регионална економска област (РЕО) не се движи со исто темпо и ентузијазам, постојат и други политички пречки кои ги поткопуваат растот и синергијата на регионалната соработка, како што се: пречки кои ја нарушуваат трговијата во регионот, процесот на нормализација на врските помеѓу Приштина и Белград, постојните предизвици во процесот на демократизација, забавената консолидација на институциите и слободата на медиумите, што има негативно влијание врз процесот на пристапување кон ЕУ и довербата од страна на инвеститорите. За жал, постојат и други политички пречки кои ги поткопуваат растот и синергијата на регионалната соработка, како што е воведувањето даноци што Косово ги наметна за сите стоки од Србија и Босна и Херцеговина. И сето ова е само дел од секојдневните политички прашања со кои се соочуваат стопанствениците од регионот.

Гледано од позитивната страна, Преспанскиот договор меѓу Северна Македонија и Грција дава силен поттик и добар пример како долготрајните спорови можат да се решат во корист на вклучените страни и регионот во целина. Сите овие фактори влијаат и создаваат рамка во која секојдневно работат и функционираат регионалните бизнис заедници.

Коморскиот инвестициски форум, кој претставува силна бизнис заедница од 350.000 компании во регионот, го поздравува напредокот постигнат во текот на последните 12 месеци во имплементацијата на Повеќегодишниот акциски план за креирање единствена регионална економска област (MAP REА), односно:

Ø донесен е Регионалниот договор за роаминг во април 2019 година, кој го отвора патот за воспоставување на бесплатен роаминг режим за целиот регион на Западен Балкан. Правните субјекти и физичките лица од земјите на ЗБ6, особено малите и средните претпријатија кои се дел од европските синџири на вредности, ќе имаат најголема корист од воспоставувањето слободен роаминг, бидејќи ќе имаат полесна и поевтина комуникација меѓу земјите од регионот, но и со партнерите од ЕУ. Договорот утврдува дека цените на роаминг ќе бидат намалени за 27 проценти во првата фаза од Договорот (1 јули 2019 година), додека вкупното поништување ќе започне од 1 јули 2021 година. Коморскиот инвестициски форум охрабрува поголема инклузивност на засегнатите компании во процесот на консултации и подготовка на целосната имплементација на Регионалниот договор за роаминг;

Ø усвоен е Дополнителниот протокол 5 на ЦЕФТА кој ги донесе новите регулативи во царинските операции, како што се: јакнење на соработката меѓу царините и другите контролни органи, преку изградба на заеднички капацитети и воспоставување прекугранична контрола; заедничко регулирање на ЦЕФТА - Рамката за управување со ризик; објавување листа на сите надоместоци поврзани со увозот и извозот на стоки во секоја земја посебно; меѓусебно признавање на Овластен економски оператор и размена на електронски податоци што ќе придонесе за зајакнување и подобрување на анализите за дадениот ризик, како и поедноставување на постапките за царински контроли, намалување на формалностите колку што е можно повеќе, преку брзо ослободување и царинење на стоки, што ќе резултира со намалување на трошоците и времето потребно за спроведување на формалностите. Протоколот 5 вклучува взаемно признавање на статусот на Овластен економски оператор во секоја од ЦЕФТА-земјите, но само доколку националното законодавство на секоја од ЦЕФТА-земјите од дадената област е во согласност со прописите на ЕУ. Токму од овие причини, КИФ ги охрабрува сите инволвирани страни да го ратификуваат Дополнителниот протокол 5 од ЦЕФТА-Договорот;

Ø подготвена е работна верзија од Дополнителниот протокол 6 од ЦЕФТА- Договорот којшто признава либерализација на услугите и се однесува на сите услужни сектори. Во исто време, Протоколот 6 ги почитува принципите за третман на овластени нации, пристап до пазарот и принципот на национален третман. Овој Протокол нема да се применува на мерките што влијаат врз физичките лица кои бараат пристап до пазарот на трудот во дадена земја, ниту пак ќе се применува на мерките што се однесуваат на државјанство, престој или вработување по трајна основа. Во согласност со одредбите на овој Протокол, договорените страни го задржуваат правото да усвојат нови регулативи за да ги исполнат легитимните цели на политиката. Коморскиот инвестициски форум ги охрабрува владите на шесте земји од регионот да го усвојат договорениот текст на Дополнителниот протокол 6, за што побрза имплементација на истиот;

Ø постигнат е особен напредок во делот на поврзувањето, мобилноста и конкурентноста во регионот. Предлог-договорот за взаемно признавање на професионалните квалификации за доктори по медицина и стоматолози, архитекти и градежни инженери е во завршна фаза на преговори, а преземени се и чекори за изготвување работна верзија на изјавата за меѓусебно признавање на академски квалификации;

Ø конечно, имплементацијата на Агендата за реформи во регионалните инвестиции (RIRA) добро напредува со успешното официјално усвојување на Акциониот план за индивидуални реформи (IRAP) од страна на сите шест земји од регионот. Овој план обезбедува поголема транспарентност за инвеститорите во регионот на Западен Балкан, а истиот ги опфаќа и сите закони и регулативи кои влијаат на инвестициите на национално ниво, вклучувајќи ги хоризонталните и секторските правни инструменти и нуди многу повеќе конкретни чекори за олеснување на поголемите инвестиции во регионот. Сепак, и покрај усвојувањето на Акциониот план, не е постигнат значителен напредок во неговото спроведување.

Една година по Самитот во Лондон - НАПРЕДОКОТ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН И ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА ЕДИНСТВЕНА РЕГИОНАЛНА ЕКОНОМСКА ОБЛАСТ (РЕО)

Коморскиот инвестициски форум го поздравува напредокот во дадените сфери наведни погоре, како и сериозните намери за постигнување напредок и во другите области дефинирани со Повеќегодишниот акциски план за креирање единствена регионална економска област (MAP REА). Сепак, и покрај досегашните достигнувања, Коморскиот инвестициски форум, како глас на регионалната деловна заедница, смета дека сè уште недостасува видлив и реален напредок што влијае на секојдневните деловни операции во регионот, за чиешто реализирање е потребно поактивно да се инволвираат владите и носителите на одлуки од шесте земји на Западен Балкан.