ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
КОМОРСКИ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ (КИФ)
01.07.2019 👁 Прочитано: 1337

РЕГИОНАЛНАТА ЕКОНОМСКА ИНТЕГРАЦИЈА ВО ФОКУСОТ НА САМИТОТ ВО ПОЗНАЊ – ШТО ОЧЕКУВА БИЗНИСОТ?


Западен Балкан повторно ќе биде во фокусот на вниманието во четврток, кога во полскиот град Познањ треба да се одржи Самитот во рамки на Берлинскиот процес. Најавено е и присуство на германската канцеларка Ангела Меркел, на чија иницијатива во 2014 година беше покренат Берлинскиот процес со цел да се забрза дијалогот и можноста за соработка меѓу државите од Западен Балкан.

Регионот на Западен Балкан, според Меркел, има европска перспектива, но постојат уште многу услови што треба да се исполнат. Воените конфликти од 90-те години, смета Меркел, се надминати, но во државите од Западен Балкан се`  уште има отворени прашања што треба да се решат.

- Денес состојбата во Западен Балкан е мирна, но има предизвици кои треба да се решат и потребно е да се исполнат условите за да се подготват земјите за влез во ЕУ. Патот е се` уште трнлив, оценува германската канцеларка во своето видео-обраќање, објавено вчера по повод Самитот во Познањ.

Сепак, според Меркел, има позитивни примери на решавање конфликти во регионот, како што е случајот со Северна Македонија и Грција.

- Ваквиот позитивен пример треба да биде охрабрување за решавање на проблемите во Босна и Херцеговина, како и меѓу Србија и Косово, - смета Меркел.

Но, од аспект на бизнис-заедницата, клучен е ангажманот на канцеларката Ангела Меркел во спроведувањето на Берлински процес, кој започна во 2014 година. Процесот започна со цел да се обезбеди реален прогрес во реформските процеси, како и да се зајакне регионалната соработка и да се постават основите за обезбедување одржлив раст во државите од регионот на Западен Балкан. Од економски аспект, овој процес имаше за цел бизнис заедниците од регионот на Западен Балкан да увидат дека ЕУ не се залага само за интересите на постојните држави-членки и нивните економии, туку дека европските институции ги гледаат и разбираат економиите на денешните (потенцијални) кандидати, како интегриран дел од ЕУ во блиска иднина, а процесот на пристапување на земјите од регионот на Западен Балкан кон ЕУ треба да биде процес на инклузивно проширување, кое треба да обезбеди овие држави да ги согледаат придобивките од европската интеграција уште пред формалното зачленување.

Токму Коморскиот инвестициски форум, асоцијацијата која во август 2015 година Стопанската комора на Македонија ја основаше заедно со Унијата на стопански комори на Албанија, Комората за надворешна трговија на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Србија и Стопанската комора на Косово, е една од најуспешните алатки на Берлинскиот процес, која се разви под покровителство на канцеларката Меркел, а која активно придонесува за формирање на регионална економска област.

Во рамките на Самитот ќе биде организиран и Бизнис-форум, кој претставува прв чекор за идна соработка меѓу земјите од регионот на Западен Балкан и Полска пред се`, но и продлабочување на соработката, проширување и развој на компаниите, со бизнис секторот од останатите земји-учеснички, членки на Европската унија. На Бизнис-форумот учество ќе земе и Стопанската комора на Македонија, како дел од Коморскиот бизнис форум. На настанот еврокомесарот Јоханес Хан и претседателот на Коморскиот инвестициски форум Марко Чадеж ќе го официјализираат отпочнувањето на новиот проект за зајакнување на капацитетите на КИФ, со поддршка на Европската унија, по што ќе следи панел-дискусија на тема: „Регионална економска интеграција – што очекува бизнисот?“.

М-р Сања Николова