КОЛКУ, НО И ЗОШТО ГИ ПЛАЌАМЕ?
👁 Прочитано: 7322



КОЛКУ, НО И ЗОШТО ГИ ПЛАЌАМЕ?

Да добиеш квалитетна и навремена услуга од јавниот сектор во периодот на годишни одмори, а и во претходниот период во кој се преземаа мерки за заштита од ширењето на Ковид-19 е како добивка на некоја од игрите на среќа. Административците во периодов се секаде, само не на своите работни места, а добар дел од нив не само периодов... Постојат исклучоци и вработени кои „чесно си го заработуваат лебот“ во различни институции, но со самото тоа што станува збор за исклучоци се потврдува правилото дека нашата администрација не е на нивото на кое се очекува да биде јавниот сервис за компаниите и граѓаните.

Во јавниот сектор во Македонија во 2019 година вработени се вкупно 144.922 лица. Во 1.324 институции работен однос имаат засновано 132.900 лица, а дополнително на оваа бројка се и 8.800 лица кои се вработени во акционерските друштва во државна сопственост, како и 3.222 лица кои работно се ангажирани во институциите на јавниот сектор преку агенциите за времени вработувања. Релативното учество на вработените во јавниот сектор во активното население кај нас изнесува околу 15% или близу 18% од вкупниот број вработени во 2019 година. Трошоците за плати и надоместоци, согласно податоците од консолидираниот Буџет кој ги вклучува и буџетите на општините изнесуваат 43.886 милиони денари или близу 19% од вкупните расходи во 2019 година.  

Учеството на вработените во јавниот сектор во вкупниот број на вработени на ниво на ЕУ 28 е околу 7%, а ако се анализира јавниот сектор во вкупното активно население во државите-членки на Европската унија стапките се движат од 8% во Австрија, до 25% во Данска, односно постои голема хетерогеност помеѓу земјите-членки. Впечатливо е тоа што скандинавските и поразвиените земји-членки на Унијата имаат релативно поголем јавен сектор од помалку развиените. Целта на претходните бројки е да покажат дека големината на јавниот сектор и трошоците на државите поврзани со него се различни, односно дека не постои „универзална формула“ за големината на јавниот сектор и истото зависи од севкупниот државен систем, историјата и културата во секоја земја поединечно.

Секако и во нашиот случај големината на јавниот сектор и колку истиот нé чини како даночни обврзници е значајно, но уште позначајно за компаниите, граѓаните и за креаторите на политиките во областа треба да е неговата ефикасност.

Додадената вредност која ја создава јавниот сектор и квалитетот на услугите за компаниите и граѓаните мора да се приоритет.

Реформите во јавниот сектор континуирано се во фокусот кај нас, а во многубројните стратегии од областа редовно присутни се: организација, одговорност,  транспарентност, интегритет и кредибилитет, спречување на корупција, деполитизација, дигитална трансформација, оптимизација, реорганизација на институциите, унапредување на административниот капацитет, па дури и воведување на еколошки стандарди во работењето на администрацијата... Во пракса најчесто напишаното останува во стратегиите, а речиси е невозможно по барањата на шалтерите и за вршењето на прилично едноставни работи во јавниот сектор да се постапи во рок и без интервенции од „познати“. За посложени услуги, веројатно треба да се завртат повеќе телефони...

Ова мора да се промени, затоа што институциите имаат одговорност да работат за остварување на подобра вредност за граѓаните и бизнисот, а со тоа да обезбедат социјален и економски развој, односно просперитет на државата во целина.

Во меѓувреме останува пред прашањето колку нé чини јавниот сектор да бараме одговор на тоа каков е квалитетот на услугите кои ги добиваме од истиот.

м-р Анета Димовска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија