НАЈНИСКА И НАЈВИСОКА ОСНОВИЦА ЗА ПРЕСМЕТКА И УПЛАТА НА ПРИДОНЕСИ ВО 2020 ГОДИНА

НАЈНИСКА И НАЈВИСОКА ОСНОВИЦА ЗА ПРЕСМЕТКА И УПЛАТА НА ПРИДОНЕСИ ВО 2020 ГОДИНА
Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија

Придонесите ги пресметува, задржува и уплатува обврзникот за пресметка и уплата на придонеси при секоја исплата на плата или дел од плата, надоместок на плата, пензија, односно друг паричен надоместок. Генерално, основица за пресметка и плаќање на придонеси е платата, како и дополнителните примања од работен однос утврдени во законот кој ги уредува работните односи, колективен договор и договорот за вработување, за лице кое е во работен однос, како и паричниот надоместок на извршен член на одбор на директори во трговско друштво, член на управен одбор во трговско друштво, односно управител во трговско друштво.

Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување предвидува постоење на најниска и највисока основица на која се плаќаат придонесите. Основица за пресметување и плаќање на придонесите, односно основицата за осигурување за тековната година не може да биде пониска од 50% од просечна плата по работник  во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика. 

Највисока месечна основица за пресметување и уплата на придонесите за примањата од работен однос и за примањата на извршен член на одбор на директори во трговско друштво, член на управен одбор во трговско друштво, односно управител во трговско друштво од еден обврзник за пресметка и уплата на придонеси е износот од шеснаесет просечни плати. Највисока месечна основица за пресметување и уплата на придонесите за самовработено лице е износот од дванаесет просечни плати.

При пресметка на највисоката месечна основица за тековната година се зема предвид просечната плата по работник во РС Македонија објавена во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика. На износот повисок од највисоката месечна основица не се пресметуваат и уплатуваат придонеси.

Согласно податоците на Државниот завод за статистика објавени во јануари 2020 година, просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во ноември 2019 година, изнесува 38.319,00 денари. Согласно овој податок се утврдуваат најниската и највисоката основица на која се плаќаат придонесите од задолжително социјално осигурување во 2020 година.

Оттаму, најниската основица за пресметка на придонесите за 2020 година изнесува (50% од 38.319,00 денари).

Највисоката основица за пресметка на придонесите за 2020 година за примањата од работен однос и за примања на извршен член на одбор на директори, член на управен одбор, односно управител во трговско друштво изнесува 613.104,00 денари (16 x 38.319).

Највисоката основица за пресметка на придонесите за 2020 година за самовработено лице изнесува 459.828,00 денари (12 x 38.319)

Сите обврзници кои поднеле и исплатиле плати согласно конечни пресметки за јануари 2020 година, а исплатуваат плати под најниската основица или над највисоката основица за пресметка на социјалните придонеси, треба да поднесат исправки на истите, со утврдениот износ на просечната плата.

м-р Анета Димовска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија