КАКО СЕ ПРЕСМЕТУВА НОВИОТ ДАНОК НА МОТОРНИ ВОЗИЛА?

КАКО СЕ ПРЕСМЕТУВА НОВИОТ ДАНОК НА МОТОРНИ ВОЗИЛА?
Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија
Од почетокот на годинава започна оданочувањето на моторните возила, со посебен данок на моторни возила. Имено, до сега не постоеше посебен данок на моторни возила, а патничките автомобили имаа третман на акцизни добра и на нив се плаќаше акциза, само врз основа на нивната вредност. Новиот систем предвидува данок кој се утврдува како комбинација од вредноста на возилото и емисија на јаглерод диоксид - CO2. Притоа, за различни видови возила, Уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила и на износите потребни за пресметка на данокот на моторни возила предвидува различен начин на пресметка.

На патнички моторни возила и „pick-up“ возила (ЦТ 8703) данокот на моторните возила се пресметува како збир од вредносна и специфична компонента. Вредносната компонента е производ од вредноста на моторното возило и процентот од вредноста на возилото за соодветна категорија на вредноста (се добива од првата табела во прилог), а специфичната компонента е производ од износот на просечната емисија на јаглерод диоксид - CO2 и вредноста за 1 грам јаглерод диоксид - CO2 за соодветна категорија во зависност од видот на горивото кое се користи за погон на возилото (согласно втората табела во прилог).

Значи:

Данокот на моторни возила = вредност на возило во евра x процент за соодветна вредност x среден курс на денар/евро + гранична вредност на CO2 x коефициент

 

За патнички моторни возила наменети за такси превоз на патници износот на платениот данок на моторни возила се враќа во износ од 25%, а за патнички моторни возила со 7+1 и 8+1 седиште наменети за такси превоз на патници кои регистрирани лица ги набавуваат за вршење основна дејност автотакси превоз на патници или правни лица ги користат за превоз на лица за службени потреби, износот на платениот данок на моторни возила се враќа во износ од 80%.

За „plug-in“ хибридни електрични возила , данокот на моторни возила се пресметува во износ намален за 50% од пресметаниот данок на моторни возила.

За „pick-up“ возила (ЦТ 8704), кои вообичаено имаат повеќе од еден ред седишта и се состојат од два одвоени простори, затворена кабина за превоз на патници и отворен или покриен дел за превоз на стока, данокот на моторните возила се пресметува како производ од износот на силината на моторот искажана во киловати – КW и вредноста на еден kW во зависност од нивото на емисијата на издувните гасови.

Данокот на моторни возила = силина на мотор во kW x единечна вредност на 1 kW  

За мотоцикли над 50 см3, трицикли и четирицикли , данокот на моторните возила се пресметува како производ од износот на зафатнината на моторот искажана во кубни сантиметри - см3 и вредноста на еден кубен сантиметар во зависност од нивото на емисија на издувните гасови.

Данокот на моторни возила = зафатнина на мотор во см3 x единечна вредност на 1 см3 

 

м-р Анета Димовска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија