ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
22.07.2019 👁 Прочитано: 389

ТУТУНОПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ СО ПОДДРШКА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА НЕЛЕГАЛНОТО ПРОИЗВОДСТВО И ТРГОВИЈА СО ТУТУН


-Сојузот на здруженија на тутунопроизводители го поздравува донесувањето на новиот Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи со кој се укинуваат бирократските обврски на земјоделците кои произведуваат тутун, односно вадење на евидентни листови, познати како „бели картони“, изјави на денешната прес-конференција претседателот на Сојузот на здруженија на тутунопроизводители, Ванчо Коцев.

Со просечна откупна цена од 3,3 евра за килограм на која тутунопроизводителите дополнително добиваат и субвенции за производството, нашата земја има највисоки цени на ориенталниот тутун во Европа. Ваквата позиција на домашното производство на ориентален тутун во услови кога во регионот (Грција, Бугарија и Турција), кои исто така се големи производители на ориентален тутун, но имаат многу пониски откупни цени, претставува еден вид потврда за квалитетот на македонскиот тутун, надополнет со најдобри услови за производство, кое резултира со се` подобра реколта, што е особено важно за тутунопроизводителите. Имено, во Турција откупната цена е 2,2 евра, а во Грција е и пониска од оваа.

-Во таа насока, домашните производители на тутун се задоволни од мерките кои ги презема државата во поглед на производството, односно откупот, цените и субвенциите. Во откупот од минатогодишната реколта се постигна просечна цена од 217,60 денари по килограм суров лист, - изјави Коцев.

Истовремено, тутунопроизводителите укажуваат дека со акциите кои ги спроведуваат надлежните државни институции насочени кон спречување на нелегалната продажба на тутун и тутунски производи, се прави обид за намалување на можните последици од негативни импликации врз буџетот на државата, бидејќи од извозот на тутун и тутунски производи годишно има приход во државниот буџет од над 100 милиони евра и дополнително има значителни приходи по основ на акциза, ДДВ и други давачки на компаниите кои се вклучени во легална продажба.

Оттука, секоја нелегална продажба на цигари или режан тутун која е евидентна на пазарите, е против интересите на тутунарите кои во државата ги има околу 40.000, со опасност за намалување на легалното производството и пад на интересот на легалните откупувачи на тутун и производители на тутунски производи.

-Тутунарите сметаат дека секој кој сака да одгледува тутун тоа може да го стори во легална постапка, со склучување договор, да добие сертифициран семенски материјал и за својот труд да добие задоволителен приход, - информираше претседателот на Сојузот на здруженија на тутунопроизводители.


Васко Ристовски

ТУТУНОПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ СО ПОДДРШКА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА НЕЛЕГАЛНОТО ПРОИЗВОДСТВО И ТРГОВИЈА СО ТУТУН