Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
02.11.2018 👁 Прочитано: 1841

ОДРЖАНА ЈАВНА РАСПРАВА ЗА НАЦРТ-ТЕКСТОТ НА ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА МЕДИЈАЦИЈА


Во Стопанската комора на Македонија, на 01.11.2018 година, беше одржана јавна расправа по нацрт-текстот на Предлог-законот за медијација. На јавната расправа која беше одржана на иницијатива на Стопанската комора на Македонија, поканети беа медијатори, членови на Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата, членови на работната група која го подготвувала Нацрт текстот на предлог законот за медијација, претставници од министерството за правда и други засегнати страни.

medijacija

Билјана Пеева – Ѓуриќ, в.д. извршен директор на Стопанската комора на Македонија, посочи дека медијацијата како метод на алтернативно решавање на споровите е од исклучително значење за Стопанската комора, посебно од причина што медијацијата е одлична алатка за решавање на споровите на фирмите, која обезбедува можност за решавање на споровите за пократко времетраење и со пониски трошоци. Посочи дека Комората активно работи на промоција и афирмација на медијацијата кај деловната заедница, и во таа насока во изминатиот период се одржаа повеќе од 50 бесплатнинастани со учество од над 700 претставници на фирми, а и во иднина ќе се организираат бесплатни семинари за промоција и користење на медијацијата кај компаниите за стопанските спорови.

На јавната расправа присутните ги искажаа своите ставови, коментари и сугестии по однос на нацрт текстот на Предлог законот за медијација. Беше посочено дека се работи за целосно нов текст на Закон за медијација, а не за измени на постојниот закон, поради што беше посочено дека не треба да се избрзува со усвојување на законското решение, и беше посочено дека предложеното законско решение има повеќе недостатоци и неприменливи одредби, поради кои може да се доведе во прашање функционирањето на медијацијата. Присутните посочија дека новото законско решение треба да биде од суштинско значење за понатамошен развој и промоција на медијацијата во Република Македонија, кое треба да биде конципирано земајќи ги предвид забелешките на сите засегнати страни, како и добрите практики од оваа област од земјите-членки на Европската Унија, со почитување на начелата на медијација, задржување и заштита на заедничките интереси на медијаторите и поголема поддршка и афирмација на медијацијата, како и дека измените треба да бидат во насока на олеснување на постапката на медијација, како за бизнис заедницата, така и за физичките лица, и намалување на трошоците и времетраењето на медијацијата како доброволна опција за решавање на споровите. 

Присутните на расправата изнесоа забелешки по предлог законот во делот каде се врши доуредување на подрачјето на примена на медијацијата, во делот на допрецизирање на основните поими, кај уредувањето на начелата и постапката за медијација, кај редефинирањето на постапката за спроведување испит за медијатори, се доставуваа забелешки за подобрување и целосно функционирање на работата на Комората на медијатори, се коментираше за поддршката за медијација, забелешки се даваа за водењето Регистарот на предмети и почитување на доверливоста на податоците при водење на Регистарот, за спроведување на обуки за медијатори и обуки во други области, како и за скратување на максималните рокови за завршување на постапката за медијација. При тоа, се заклучи дека предложените законски решенија треба да бидат доработени, со земање во предвид на забелешките на сите засегнати страни.

Предлозите, забелешките и сугестиите во однос на предложениот текст на законот ќе бидат сублимирани и доставени до надлежните институции, и истите ќе бидат поставени на ЕНЕР (Единствениот национален електронски регистар на прописи), заклучно со крајниот рок за доставување на коментари – 03.11.2018 година.

Д-р Татјана Штерјова

ОДРЖАНА ЈАВНА РАСПРАВА ЗА НАЦРТ-ТЕКСТОТ НА ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА МЕДИЈАЦИЈА