Чифлиганец: Верувам во економијата на својата земја и секој денар го вложувам тука
👁 Прочитано: 1164



Чифлиганец: Верувам во економијата на својата земја и секој денар го вложувам тука

Преземено: Фактор.мк

Откако во петокот, на крајот на минатата недела, Македонската берза го заврши денот со значаен пораст, односно Македонскиот берзански индекс МБИ 10 денот го затвори со раст од близу 3 проценти, или точно 2,97 отсто, и денеска се случува силна „зелена“ позитива на домашниот пазар на капшитал.

До подготовката на овој текст МБИ10 има раст од 2,23 отсто, а растат акциите на речиси сите компании што го сочинуваат берзанскиот индекс.

Најголем раст, како и во петокот, и денеска имаат цените на акциите на Комерцијална банка и на фармацевстката компанија „Алкалоид“.

Фактор го праша најголемиот поединечен акционер во Комерцијална банка, односно сопственикот на градежната компанија „Адора“, Ванчо Чифлиганец, која е причината за големиот раст на цената на акциите на најголемата банка во земјава.

Чифлиганец за Фактор вели дека главната причина е стабилноста и сигурноста на овој банкарски субјект, во кој домашните инвеститори имаат доверба.

„Штом инвеститорите купуваат акции од некоја компанија или банка, тоа значи дека станува збор за добра банка, за еден здрав правен субјект, за еден значаен македонски бренд, во кој инвеститорите имаат доверба. Станува збор за здрава банка со домашен капитал, и тоа покажува дека граѓаните и инвеститорите веруваат во тој домашен бренд, веруваат во својата економија“, вели Чифлиганец за Фактор.

Тој не сака премногу да зборува дали растот на цената на акциите се должи на купување на акции од негова страна. Вели дека неговата сопственост може да се види на веб страната на Централниот депозитар за хартии од вредност. 

На страната на Централниот депозитар, пак, се гледа дека со состојба на 13 јануари, годинава, односно денешниот ден, компанијата „Адора инжинеринг“ на Ванчо Чифлиганец во Комерциојална банка има капитал од 11,42 отсто, и со тоа оваа компанија е единствена која поседува над 5 отсто од акциите во банката. 

Чифлиганец вели дека верува во домашната економија.

„Јас се уште верувам во домашната економија, во мојата земја. И затоа 100 отсто од моите средства ги инвестирам тука, во Македонија, во домашната економија“, вели Чифлиганец.

А според сознанија на Фактор, и други силни домашни компании поседуваат акционерски пакети до 5 отсто во Комерцијална банка. 

Кога во петокот имаше значаен раст на акциите на Македонската берза, брокерите со кои разговараше Фактор лоцираа неколку причини зошто расте берзанскиот индекс. Во основа, станува збор за очекувања за значајни дивиденди кои треба да ги поделат компаниите, откако првично во февруари се очекува да ги објават финансиските извештаи со резултатите со кои ја имаат завршено годината. Сепак, тука значајна улога играат и смирувањето и оптимизмот на меѓународните пазари, до кои дојде по намалувањето на тензиите на релација САД-Иран, како и во очекување на потпишувањето на договорот со Кина. Според брокерите, позитивниот сентимент на Берзата настана и поради очекуваниот влез на земјава во НАТО, што зајакна откако во Шпанија се формираше Влада.