СТОРНИРАНИТЕ ФИСКАЛНИ СМЕТКИ КОМПАНИИТЕ САМИ ЌЕ ГИ ПРИЈАВУВААТ ВО УЈП

   

АКТУЕЛНО / 22.07.2019
👁 Прочитано: 598


СТОРНИРАНИТЕ ФИСКАЛНИ СМЕТКИ КОМПАНИИТЕ САМИ ЌЕ ГИ ПРИЈАВУВААТ ВО УЈП

Во Стопанската комора на Македонија, на 22.7.2019 година, се одржа работна средба со претставници на Управата за јавни приходи на која беа презентирани новите законски решенија од Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица  со цел разјаснување на актуелната проблематика поврзана со примената на членот 7 од Законот со кој се уредуваат обврските на компаниите по основ на сторнираните фискални сметки.

Претставниците на Управата информираа дека издавачите на фискални сметки имаат обврска да ги пријават во Управата за јавни приходи фискалните сметки кои ги сторнираат и сторните сметки, за кои физичките лица немаат право на враќање на данокот согласно Законот. Пријавувањето на сметките компаниите треба да го извршат до поднесување даночна пријава за цели на данок на додадена вредност.

Компаниите дискутираа за практичните импликации и начинот на поднесување на сметките до Управата и се интересираа за донесувањето на подзаконските акти во однос на техничките карактеристики и начинот на користење на мобилната или десктоп апликацијата за пријавување на сметките.

Претставниците на Управата за јавни приходи истакнаа дека целта на наведеното законско решение е спречување на „сивата“ економија и нелојалната конкуренција, во насока на креирање поволен деловен амбиент за компаниите. Во следниот период се очекува да биде донесено и Упатство со кое поконкретно ќе се уреди начинот на користење на апликациите.

м-р Нена Николовска
м-р Анита Рафајловска