ДНЕВНО ОБРАЌАЊЕ 31.03.2020 година

   

➤ АКТУЕЛНО (31.03.2020)
👁 Прочитано: 791


ДНЕВНО ОБРАЌАЊЕ 31.03.2020 година

Нашата земја и формално стана членка на НАТО. Тоа е голем ден за македонската држава и важен момент во нашата историја. Остварена е повеќедецениската стратешка цел за која низ годините анкетите постојано покажуваа многу висока поддршка од граѓаните. Стопанската комора на Македонија го поздравува чинот на влез на земјава во НАТО.

Влезот во НАТО е значајна придобивка за една земја. Придобивката е уште поголема кога земјата е мала и самата има многу ограничени ресурси за самостојно развивање на капацитетите на одбраната. Притоа, стабилизирањето на безбедносната ситуација на земјата создава услови и за поширок развој на самото општество, демократијата итн.

Но, влезот во НАТО отвора и значајни перспективи на економски план. Во моментов сите сме преокупирани со коронавирус кризата, но таа во еден момент ќе помине и тогаш ќе почнат да се материјализираат придобивките и за македонската економија.

Најпрвин за инвестициите. За земја како нашата, која е мала и не е богата, отстранувањето на безбедносниот ризик е важна работа. Тоа ќе овозможи да се зацврсти перцепцијата за македонската економија како атрактивна дестинација како за нови странски директни инвестиции така и за поголеми домашни инвестиции.

Понатаму, за цената на позајмувањето. Со перцепцијата за намален ризик на земјата, барем во делот на безбедносниот ризик, ако се’ друго е непроменето, се намалува и цената по која земјата позајмува на меѓународните пазари на капитал. Ова значи можност за обезбедување поевтино финансирање на капиталните инвестиции на државата во иднина.

За можностите за извоз. Влезот во НАТО значи и можност за македонските компании да продадат свои производи за задоволување на дел од потребите на НАТО. За своите набавки НАТО има посебен интернет сајт. Таму стои дека компаниите што сакаат да бидат добавувачи на НАТО мора да се основани во земји членки на НАТО. Македонските компании сега веќе влегуваат во оваа група и за нив ќе се отворат нови перспективи во иднина.  

Одделение за информирање