ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
27.05.2019 👁 Прочитано: 1118

ОСТВАРУВАЊЕ НА ЦЕЛИТЕ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ, СОГЛАСНО СТРАТЕГИЈАТА ЕВРОПА 2020


Преку Проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“ (TRAINEE), од 17 јуни оваа година, ќе се врши обука на стручен и технички кадар за инсталирање на фотоволтаични системи и топлински колектори, со цел подобрување на вештините на градежните работници за градење енергетски ефикасни објекти. Преку обука, преквалификации и препознавање на претходно стекнато знаење и вештини, треба да се постигнат параметрите на ЕУ „Стратегијата 2020“ за енергетска ефикасност, беше речено на прес конференцијата одржана во Стопанската комора на Македонија.

Активностите во рамки на проектот ТРАИНЕЕ - „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“, се  создавање предуслови за креирање конкурентна работна сила во градежниот сектор, која е подготвена да се справи со предизвиците на модерните економски текови, како еден од приоритетите на секоја национална економија.

Проектот иницира креирање мерки кои претставуваат надградба на веќе постигнатите резултати во претходните два проекта - „Обука на градежните работници за енергетска ефикасност 2014-2016“ и „Градење на вештини за енергетска ефикасност 2012-2013“, со развој на тренинг шеми, проширување на обуките и со преквалификации на работната сила (архитекти, градежни инженери, техничари и градежни работници) за да се постигнат параметрите на ЕУ „Стратегијата 2020“ за енергетска ефикасност, - истакна д-р Ристо Иванов, претседател на Здружението за бизнис консултанти Креација, партнер во ТРАИНЕЕ проектот.

Подобрувањето на вештините на градежните професионалци (архитекти, инженери и градежни работници) ќе се постигне преку 3 основни цели и тоа преку:

* подобрување на вештините на градежните професионалци (градежни работници, архитекти и инжињери) за градење енергетски ефикасни објекти;
* примена на алатки за информациско моделирање на градби (BIM-building information modeling) на национално ниво;
* зголемување на пазарната вредност на вештините за енергетско ефикасно градење.

Во насока на постигнување мултидисциплинарен пристап кај одржливото градење, ќе биде иницирана примената на алатки за информациско моделирање на градби (BIM-building information modeling) на национално ниво. Воведување на примена на информациско моделирање на градби, што е едно од барањата на новите правила за јавни набавки на Европската комисија, во доменот на градежништвото, посочи д-р Иванов.

Овие вештини треба да се прифатат од страна на сите чинители во градежниот сектор кои применуваат обновливи извори на енергија. Ќе се воведе и примена на информациско моделирање на градби и регистар на тренери и градежни работници за обновливи извори на енергија.

Преку обуките за обновливи извори на енергија ќе се постигнат стандарди за енергетска ефикасност со можност да се акредитираат обуките за стручен и технички кадар за инсталирање на фотоволтаични системи и топлински колектори, истакна проф. д-р Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија (ИИМ) и професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Се предвидува, на обуките да бидат опфатени теми од безбедност при работа на инжињери, техничари, дизајнери и градежни работници, проектирање на нови технологии и изведба и примена на софтверски решенија, - додаде проф. д-р Спасевска.

Во рамките на Проектот, Здружението на енергетика при Стопанската комора на Македонија активно ќе учествува во креирањето обуки за работници и инженери за инсталирање фотоволтаици со цел да се обучи кадар кој ќе може да одговори на се` поголемиот интерес за искористување енергија создадена од обновливи извори на енергија, - изјави д-р Ристо Јаневски, претседател на Здружението на енергетика при Стопанската комора на Македонија.

Проектните активности ги спроведува Стопанската комора на Македонија, како координатор, во партнерство со: Здружението за бизнис и консултанти „Креација“, Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, Јавната установа Центар за образование на возрасните - Скопје (ЦОВ), Инженерската институција на Македонија (ИИМ) и WITS INSTITUTE SL (BIM Academy) Академијата БИМ од Шпанија.

Овој проект е дел од Работната програма за „Безбедна, чиста и ефикасна енергија“, под повикот за „Енергетска ефикасност“ ЕЕ-2016-2017 со цел зголемување на енергетската ефикасност на објектите.

М-р Ирена Мојсовска

ОСТВАРУВАЊЕ НА ЦЕЛИТЕ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ, СОГЛАСНО СТРАТЕГИЈАТА ЕВРОПА 2020
ОСТВАРУВАЊЕ НА ЦЕЛИТЕ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ, СОГЛАСНО СТРАТЕГИЈАТА ЕВРОПА 2020