ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Неделен коментар
   
Неделен коментар
16.08.2019 👁 Прочитано: 932

ВАЖЕН МОМЕНТ ЗА МАКЕДОНСКАТА ИНДУСТРИЈА


М-р Зоран Јовановски
Биографија
М-р Зоран Јовановски
Главен советник на Управниот одбор
на Стопанската комора на Македонија
за економски прашања

„Бурата“ во светската економија, за која пишувавме минатата недела, деновиве добива своја поткрепа и во статистичките податоци. На 14 август е објавено дека во второто тримесечје од годинава, во споредба со истиот период од минатата година, германската економија влезе во зоната на негативен раст, падот е минимален и изнесува 0,1%, но е индикативен. И економијата на Обединетото Кралство исто така забележа пад во истиот период, тој е 0,2% и е нејзин најлош квартален резултат од 2012 година наваму. Во Кина, индустриското производство во јули продолжи да расте, но со најниска стапка на раст во последните 17 години.

Работите се затетеравија и на финансиските пазари. На 14 август Њујоршката берза го имаше најлошиот ден во 2019 година. Вредноста на Дау Џонс индексот падна за 800 поени или за 3,1%, а вредноста на С&П 500 индексот се намали за 2,9%. На пазарот на обврзници се случува непосакувана работа. Приносот на десетгодишната американска државна обврзница падна под приносот на иста таква двегодишна обврзница, односно кривата на приносот стана инверзна. Тоа не е нормално, бидејќи било која инвестиција на подолг рок е по дефиниција поризична и треба да носи поголем принос, а сега е обратно. Историски, инверзната крива на принос на десетгодишната и двегодишната државна обврзница досега беше непогрешлив индикатор за рецесија што следи за американската економија.

По обичај, темата е покомплексна одошто изгледа на прв поглед. Најпрвин,  „бурата“ што се разжестува во светската економија не мора да стане екстремно опасна за многу краток период. И т.н. „голема рецесија“ не се случи веднаш откако беа воочени одредени индикатори. Дополнително, мислам дека не се сите делови од светот на исто купче. Јас би ја ставил на една страна американската економија. Тамошниот банкарски сектор се соочува со сериозен потенцијален проблем, со можен балон што може да пукне ако каматните стапки во даден момент почнат да растат, а корпорациите не можат да го сервисираат преголемиот износ на земени кредити. Сепак, генерално, американската економија не е во лоша кондиција, невработеноста е на исклучително ниско ниво и личната потрошувачка, како главна движечка сила, е силна. Вредноста на акциите на берзата во Њујорк може да падне, односно да помине низ одредена „корекција“, но претпоставувам сите се свесни дека тоа е на некој начин и очекувано, бидејќи фундаментите на економијата немаа баш толку позитивни движења за да растот на вредноста на акциите во изминатите десетина години биде толку голем.

На другата страна се европската и кинеската економија. Тие се најпогодени од трговската војна помеѓу САД и Кина. Кај нив ситуацијата е поинаква. Растот на европската економија (ЕУ-28) во вториот квартал од годинава во споредба со истиот период од минатата година е сведен само на 0,2%. Иста е стапката на раст и за евро-зоната. Добро е тоа што сé уште зборуваме за некаков раст. Но, не се добри движењата во европската индустрија. Така, според податоците објавени пред неколку дена, вкупното индустриското производство во 28 земји на ЕУ во јуни годинава во споредба со јуни од минатата година е намалено за 1,9%, а во еврозоната падот е уште поголем и достигна 2,6%. Загрижува сознанието дека јуни не е прв месец со пад на индустриското производство, тоа се намалува во секој од месеците од годинава во споредба со истиот месец од претходната година. Веќе зборуваме за тенденција!

Кога ќе се земат предвид елементите на индустриското производство може да се види дека во јуни 2019 година на годишно ниво најмногу се намалило производството на капитални добра (за 3,7%), што влијае на основата за иден економски раст, а опаднало и производството на интермедијарни добра (за 2%) и на трајни потрошни добра (за 0,5%).

Зошто е сето ова важно за македонската индустрија? Затоа што неповолните движења кај индустријата во Европа имаат свој одраз и кај домашната индустрија. Тоа веќе почнува да се забележува и кај податоците. Ако се споредува период со период, на пример вкупното индустриско производство во земјава во одреден број месеци со истите месеци од претходната година, ќе се види дека годинава има континуирано забавување на растот на индустријата. Ако во јануари индустриското производство во земјава растеше со стапка од високи 12%, потоа растот забави на 9,6% за првите два месеци, па на 8,8% за првите три месеци, па забави на 7,9%, на 6.5%, и за цело прво полугодие изнесуваше 4,8%. Да не заборавиме, тука сé уште зборуваме за раст на производството и за стапка на раст што не е за потценување, но се гледа насоката на движење.

Набљудувано само на месечно ниво, значи поединечно секој месец од годинава во споредба со истиот од минатата година, работите добиваат дополнителна острина. По јануарскиот раст на индустриското производство од 12%, во февруари и март тој е нешто над 7%, во април е 5,5%, во мај само 1,2% и веќе во јуни е регистриран пад од 2,7%. Овој пад во јуни нема многу широк опфат, што дава одредена утеха, производството е намалено во 12 од вкупно 27 индустриски гранки и тие 12 индустриски гранки имаат збирно учество од 38,8% во вкупното индустриско производство на земјава. Од најважните индустриски гранки, најизразен е падот на производството на метали 30,6%, на облека за 16,6% и на прехранбени производи за 13,8%. 

Во рамки на вкупната македонската индустрија, доминантна улога има преработувачката индустрија, на неа отпаѓа дури 77,13% од вкупното индустриско производство. На 15 август Државниот завод за статистика ги објави резултатите од анкетата за деловните тенденции во преработувачката индустрија. Очекувањата на бизнисмените не се најоптимистички. Обезбеденоста на производството со порачки во јули е понеповолна во споредба со јуни. Исто така, понеповолни се и очекувањата за обемот на производство во наредните три месеци. Накусо, растат стравувањата на менаџерите во преработувачката индустрија и тоа е сосема очекувано.

Кога сé ќе се земе предвид, ваквите турбулентни моменти носат сериозни дилеми за македонската индустрија. На бизнисмените во индустријата не им е лесно да донесат одлука што да се прави. Да се земе кредит, да се инвестира и да се зголемува производството во наредниот период? Да се држи статус-кво додека не стане појасно што ќе се случува со светската економија? Да се биде песимист и да се започне со постепено намалување на производството?

Ова се прашања чиишто одговори живот значат. Поголем фокус на овие прашања, поголема дебата, поголема информираност и за идните планови на носителите на економските политики, сето тоа може само да помогне.      

 

ДАТУМ НЕМА, ДА СЕ ДЕПРИМИРАМЕ ИЛИ ДА СЕ МОТИВИРАМЕ?

СВЕТСКА БАНКА, ПРОДУКТИВНОСТА, МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА, ГЛОБАЛНИТЕ ТРГОВСКИ ВОЈНИ

ГОЛЕМИ РИБИ ВО МАЛ АКВАРИУМ

ПРВАТА ГОЛЕМА ГЛОБАЛНА ЛЕКЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА

РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ

ИНТЕРЕСНИ ФАКТИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ФИРМИ

БУРА ВО СВЕТСКАТА ЕКОНОМИЈА, КАКО ЌЕ СЕ СПРАВИМЕ СО ПОСЛЕДИЦИТЕ?

56ТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО

ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО НЕ Е САМО ЗА СУДИИТЕ И АДВОКАТИТЕ

ЛУД, ЗБУНЕТ, НОРМАЛЕН...

ДОАЃААТ ПОТЕШКИ ВРЕМИЊА ЗА НЕЕКОЛОШКИ БИЗНИСИ

ДА СЕ ЧЕКА ВО ЧЕКАЛНАТА ИЛИ НЕШТО ДА СЕ ПРАВИ?

РАЗУМНОСТ ВО ПРАКСА

ШТО НЕ Е ДОБРО И ТРЕБА ДА ЗАПРЕ?

ШТО Е ДОБРО И ТРЕБА ДА ПРОДОЛЖИ?

КАКО ГЛЕДА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА НА ЕКОНОМИИТЕ ОД ЗАПАДНИОТ БАЛКАН?

ИМА УШТЕ МНОГУ РАБОТА КАЈ ПОЛИТИКИТЕ ЗА МАЛИ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА

МАЛИТЕ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО ЗАПАДНИОТ БАЛКАН

ДА СИ ПОВТОРИМЕ

МАКЕДОНСКОТО ЗЕМЈОДЕЛСТВО – ПРАШАЊА ШТО БАРААТ ОДГОВОРИ

НИШТО НЕ Е НЕВОЗМОЖНО

ПРАЗНИЦИТЕ И ЕКОНОМИЈАТА

ВАЖНИ ПОРАКИ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН ОД „САРАЕВО БИЗНИС ФОРУМ 2019“

КОЈ КОЛКУ РАСТЕ ЕКОНОМСКИ ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН?

БИЗНИС СЕКТОРОТ И НАСЕЛЕНИЕТО СЕКОГАШ ГО НАОЃААТ РАЦИОНАЛНИОТ ПАТ

ЧЕТИРИ СТРАТЕШКИ ОДЛУКИ ЗА ЕКОНОМСКИОТ РАСТ

СИРОМАШНА ДРЖАВА СО НЕИСКОРИСТЕНИ РЕСУРСИ

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ И ЕКОНОМИЈАТА

ПОПИСОТ КАКО ОСНОВА ЗА ВАЖНИ ЕКОНОМСКИ ОДЛУКИ

НАЦИОНАЛЕН КОНСЕНЗУС ОКОЛУ ЕКОНОМСКИОТ РАСТ

ЕКОНОМСКА ФИЛОЗОФИЈА ШТО МОТИВИРА ИЛИ ДЕМОТИВИРА

Што е, всушност, Коморскиот инвестициски форум?

ДАНОЧЕН КАЛЕНДАР