ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Неделен коментар
   
Актуелно
29.03.2019 👁 Прочитано: 2126

ЧЕТИРИ СТРАТЕШКИ ОДЛУКИ ЗА ЕКОНОМСКИОТ РАСТ


Животниот стандард на граѓаните нема суштински да се подобри без забрзување на економскиот раст. Тоа е предуслов што не може да се заобиколи. Притоа, самиот економски раст, мерен преку растот на бруто домашниот производ (БДП), не кажува кај кого одат плодовите од зголемената економска активност, односно кому и на кој начин му се подобрил животниот стандард. Но, неспорно е дека доколку тортата е поголема, тогаш и шансите секој во општеството да добие поголемо парче се исто така поголеми.

Штом е ваков патот до подобар животен стандард, тогаш земјата треба да се фокусира на прашањето на економскиот раст. Патем, важно е веднаш да разграничиме дека зборуваме за долгорочно одржлив економски раст, а не за раст воден од реализација на проекти со еднократни ефекти или од административни мерки што се финансиски неодржливи на долг рок.

За да создаде предуслови за економски раст, оперативните чекори не се дел од овој текст, нашава земја треба да донесе четири стратешки одлуки.

Прво, треба да се одреди генерално посакувана (и објективно остварлива) стапка на економски раст што, ceteris paribus, би се остварувала во подолг временски период. Се разбира, посакуваната стапка на економски раст не може да биде некаква ирационална желба што општеството туку-така ќе си ја посака. Растот на БДП има свои темелни законитости и во основа зависи од редица фактори, кои по својата природа се интерни и екстерни, и тие се земаат предвид при правењето на макроекономските проекции. Но, корисно е да имаме своевидна минимална стапка на економски раст, како ориентација за посакуваната брзина на растот што треба да се оствари. За таа намена, на пример, би можела да послужи просечната остварена или проектирана стапка на економски раст на другите земји од Западен Балкан (Србија, Црна Гора, БиХ, Косово и Албанија). Тоа е заедничкиот регион во кој функционира и македонската економија, амбиентот и околностите се слични. Во земјава би постигнале општ национален консензус и би донеле стратешка одлука дека брзината на растот на македонската економија не смее да заостанува зад брзината на економскиот раст на регионот на кој припаѓаме.

Второ, би постигнале национален консензус дека проектираната стапка на економски раст е прашање со највисок општествен приоритет . Тоа значи дека остварувањето на посакуваниот економски раст станува прашање за опстанок на економијата и бара ангажирање на сите расположливи ресурси. Затоа, долгорочните политики за постигнување на посакуваната стапка на економски раст би се дизајнирале и реализирале со вклученост на сите чинители, секој да придонесува за постигнување на целта. Притоа, оние што директно ги креираат економските политики, како и сите останати во процесот, ќе мора да имаат проактивен пристап во ваквите напори. Тоа подразбира постојано и на систематизиран начин да се идентификуваат и анализираат факторите што придонесуваат или го попречуваат остварувањето на зацртаната цел. И чекор понатаму, постојано да се приспособуваат економските мерки за да се отстранат сите можни препреки на тој пат. Сето ова значи дека економскиот раст не смее да биде само последица на околностите, народски кажано, „ќе пробаме па како што ќе излезе“. Таквиот пристап би станал неприфатлив.

Трето, мора да се зголеми сензибилитетот на општеството за прашањето на економскиот раст. Тоа значи дека кога веќе е постигнат национален консензус за минималната прифатлива стапка на економски раст и таа е утврдена како врвен општествен приоритет, не може веќе никому во земјава да му биде сеедно дали посакуваниот раст на БДП е остварен или не. Земјава веќе никогаш не смее рамнодушно да го прифати сознанието дека нашата економија би можела да се движи побавно од регионот. Мораме да знаеме што сé треба да се направи или коригира за да не се случи тоа. Зголемениот сензибилитет за прашањето на економскиот раст значи и лоцирање на одговорност, како за успехот така и за неуспехот.

Четврто, за долгорочно одржлив економски раст и развој потребен е амбиент што го мотивира секој економски субјект максимално да се ангажира за да оствари што е можно поголем ефект за себе . Ако поединецот е мотивиран максимално да се труди, создава и заработи, тогаш се креира економски амбиент на креативност, лична одговорност и подготвеност да се преземе во свои раце сопствената судбина и професионалниот напредок. Со економијата на земјата управува претприемачкиот дух, работите добиваат динамика, економскиот раст забрзува.

Ова не значи дека во општеството не треба да постои принципот на солидарност. Тој во основа подразбира дека државата врши прераспределба, зема од оние што создаваат и им прераспределува на останатите. Но, ваквиот пристап не може да доминира во општеството затоа што ако прераспределбата не се потпира на здрави и одржливи столбови, тогаш таа е долгорочно неодржлива и со текот на времето го прави економскиот раст анемичен. Ако нема кој да создаде вредност на крајот нема ни што да се прераспределува во општеството. Затоа, на сите што создаваат и сакаат да создаваат треба да им се овозможи да бидат успешни и треба да создадеме амбиент што ќе поттикнува такви да имаме што повеќе. Ова треба да е амбиентот околу кој ќе се обедини општеството.

За крај, носењето на сите горенаведени стратешки одлуки не бара пари. Бара само добра волја и здружен пристап од сите чинители.

ДАТУМ НЕМА, ДА СЕ ДЕПРИМИРАМЕ ИЛИ ДА СЕ МОТИВИРАМЕ?

СВЕТСКА БАНКА, ПРОДУКТИВНОСТА, МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА, ГЛОБАЛНИТЕ ТРГОВСКИ ВОЈНИ

ГОЛЕМИ РИБИ ВО МАЛ АКВАРИУМ

ПРВАТА ГОЛЕМА ГЛОБАЛНА ЛЕКЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА

РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ

ИНТЕРЕСНИ ФАКТИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ФИРМИ

ВАЖЕН МОМЕНТ ЗА МАКЕДОНСКАТА ИНДУСТРИЈА

БУРА ВО СВЕТСКАТА ЕКОНОМИЈА, КАКО ЌЕ СЕ СПРАВИМЕ СО ПОСЛЕДИЦИТЕ?

56ТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО

ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО НЕ Е САМО ЗА СУДИИТЕ И АДВОКАТИТЕ

ЛУД, ЗБУНЕТ, НОРМАЛЕН...

ДОАЃААТ ПОТЕШКИ ВРЕМИЊА ЗА НЕЕКОЛОШКИ БИЗНИСИ

ДА СЕ ЧЕКА ВО ЧЕКАЛНАТА ИЛИ НЕШТО ДА СЕ ПРАВИ?

РАЗУМНОСТ ВО ПРАКСА

ШТО НЕ Е ДОБРО И ТРЕБА ДА ЗАПРЕ?

ШТО Е ДОБРО И ТРЕБА ДА ПРОДОЛЖИ?

КАКО ГЛЕДА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА НА ЕКОНОМИИТЕ ОД ЗАПАДНИОТ БАЛКАН?

ИМА УШТЕ МНОГУ РАБОТА КАЈ ПОЛИТИКИТЕ ЗА МАЛИ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА

МАЛИТЕ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО ЗАПАДНИОТ БАЛКАН

ДА СИ ПОВТОРИМЕ

МАКЕДОНСКОТО ЗЕМЈОДЕЛСТВО – ПРАШАЊА ШТО БАРААТ ОДГОВОРИ

НИШТО НЕ Е НЕВОЗМОЖНО

ПРАЗНИЦИТЕ И ЕКОНОМИЈАТА

ВАЖНИ ПОРАКИ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН ОД „САРАЕВО БИЗНИС ФОРУМ 2019“

КОЈ КОЛКУ РАСТЕ ЕКОНОМСКИ ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН?

БИЗНИС СЕКТОРОТ И НАСЕЛЕНИЕТО СЕКОГАШ ГО НАОЃААТ РАЦИОНАЛНИОТ ПАТ

СИРОМАШНА ДРЖАВА СО НЕИСКОРИСТЕНИ РЕСУРСИ

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ И ЕКОНОМИЈАТА

ПОПИСОТ КАКО ОСНОВА ЗА ВАЖНИ ЕКОНОМСКИ ОДЛУКИ

НАЦИОНАЛЕН КОНСЕНЗУС ОКОЛУ ЕКОНОМСКИОТ РАСТ

ЕКОНОМСКА ФИЛОЗОФИЈА ШТО МОТИВИРА ИЛИ ДЕМОТИВИРА

Што е, всушност, Коморскиот инвестициски форум?

ДАНОЧЕН КАЛЕНДАР