ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Неделен коментар
   
Неделен коментар
01.03.2019 👁 Прочитано: 2484

ЕКОНОМСКА ФИЛОЗОФИЈА ШТО МОТИВИРА ИЛИ ДЕМОТИВИРА


М-р Зоран Јовановски
М-р Зоран Јовановски
Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања

Однесувањето на економските субјекти во значителна мерка зависи од амбиентот во којшто тие делуваат, а амбиентот го детерминираат економските политики. Поединецот може да биде мотивиран или демотивиран да презема нешто во зависност од  поставеноста на системот. Примерите за тоа можат да бидат разновидни. На пример, ако социјалната помош, која по дефиниција никогаш не е доволно висока, биде во износ кој е релативно близок до нивото на минималната плата, тогаш невработените нема да имаат мотив да бараат работа, сметајќи дека за мала разлика во приходите повеќе им се исплати да добиваат социјална помош и да бидат слободни цело време (и можеби да остварат некој дополнителен, а не регистриран приход).

Доколку даночното оптоварување на економскиот субјект е генерално високо, или од одредена точка станува превисоко, тогаш тој е дестимулиран да се ангажира до максимум. Ова е особено случај кога квалитетот на услугите што економскиот субјект ги добива од јавниот сектор, заради кои е високо даночното оптоварување, не соодветствува со зголемените зафаќања од доходот на поединецот.

Или, зошто поединецот би се грижел за својата дентална хигиена доколку во текот на годината може да добие стоматолошка услуга пломбирање неограничен број пати? Кога би постоел дефиниран основен пакет на здравствени услуги што одредува лимит на пломбирања во текот на годината, тогаш поединецот е мотивиран да се грижи за своето дентално здравје затоа што по надминување на лимитот ќе мора сам да си плати за дополнителните медицински услуги. 

Поединечните одлуки на економските субјекти за тоа како ќе се однесуваат, детерминирани од начинот на кој е поставен системот, генерираат кумулативни ефекти за целата економија на земјата. Така, ако поединецот е мотивиран максимално да се труди, создава и заработи, тогаш се креира економски амбиент на креативност, лична одговорност и подготвеност да се преземе во свои раце сопствената судбина и професионалниот напредок. Со економијата на земјата управува претприемачкиот дух, работите добиваат динамика.  

Наспроти тоа, системот може да биде поставен на начин што во општеството доминира принципот на солидарност. Амбиентот го насочува поединецот кон тоа да преферира подобриот живот да му стигне преку систем на прераспределба во општеството. Тоа значи поединецот да чека општеството да земе од тие што се поуспешни и создаваат и да им прераспредели на тие што се помалку успешни. Во такви околности поединецот може да биде демотивиран за поголем личен ангажман, лично усовршување, преземање деловни ризици и инвестирање. 

Оттука, се наметнува заклучокот дека при дизајнирањето на економските политики мора да се донесе и своевидна „филозофска“ одлука за тоа каков економскиот амбиент и мотив се сака да се произведе. Оваа одлука е една од стартните точки. 

Прашањето кое се поставува е кој би бил правилниот избор?

За многумина ова е прашање на идеолошка определба. Сепак, јас одбирам прагматичен пристап и одговорот на прашањето би го поврзал со прашањето на долгорочна одржливост на економскиот раст на земјата. 

Системите кои доминантно се базираат на прераспределба од поуспешните кон помалку успешните, имаат проблем да се одржат како економски ефикасни системи на долг рок. Ова не значи дека во општеството не треба да постои принципот на солидарност. Тој постои и е длабоко втемелен особено во општества кои долги децении имале социјалистичко општествено уредување. Но, принципот на солидарност не треба да биде доминантен или барем не додека свеста во општеството не се издигне на потребното ниво, како што е случајот со земјите во Скандинавија, па пристапот кон работата и квалитетот на услугите од јавниот сектор (здравство, образование, инфраструктура, администрација, итн.) се со супериорен квалитет. Во спротивно, потпирањето доминантно врз принципот на солидарност кога за тоа не се создадени здрави услови создава ризик економскиот раст да биде анемичен и долгорочно неодржлив. Ако нема кој да создаде вредност и нема поттикнувачи за таква мотивација, во крајна линија нема ни што да се прераспределува во општеството.

Оттука, за долгорочно одржлив економски раст и развој потребна е економска филозофија што го мотивира секој економски субјект максимално да се ангажира за да оствари што е можно поголем ефект за себе. Само така ќе има и за другите. Мотивацијата сам да создадеш сепак треба да е доминантна во однос на мотивацијата да чекаш да добиеш нешто што е земено од некој друг. Сите заинтересирани страни (stakeholders) во општеството треба да ги координираат активностите за да се создаде економски амбиент што негува такви мотиви.

ДАТУМ НЕМА, ДА СЕ ДЕПРИМИРАМЕ ИЛИ ДА СЕ МОТИВИРАМЕ?

СВЕТСКА БАНКА, ПРОДУКТИВНОСТА, МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА, ГЛОБАЛНИТЕ ТРГОВСКИ ВОЈНИ

ГОЛЕМИ РИБИ ВО МАЛ АКВАРИУМ

ПРВАТА ГОЛЕМА ГЛОБАЛНА ЛЕКЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА

РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ

ИНТЕРЕСНИ ФАКТИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ФИРМИ

ВАЖЕН МОМЕНТ ЗА МАКЕДОНСКАТА ИНДУСТРИЈА

БУРА ВО СВЕТСКАТА ЕКОНОМИЈА, КАКО ЌЕ СЕ СПРАВИМЕ СО ПОСЛЕДИЦИТЕ?

56ТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО

ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО НЕ Е САМО ЗА СУДИИТЕ И АДВОКАТИТЕ

ЛУД, ЗБУНЕТ, НОРМАЛЕН...

ДОАЃААТ ПОТЕШКИ ВРЕМИЊА ЗА НЕЕКОЛОШКИ БИЗНИСИ

ДА СЕ ЧЕКА ВО ЧЕКАЛНАТА ИЛИ НЕШТО ДА СЕ ПРАВИ?

РАЗУМНОСТ ВО ПРАКСА

ШТО НЕ Е ДОБРО И ТРЕБА ДА ЗАПРЕ?

ШТО Е ДОБРО И ТРЕБА ДА ПРОДОЛЖИ?

КАКО ГЛЕДА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА НА ЕКОНОМИИТЕ ОД ЗАПАДНИОТ БАЛКАН?

ИМА УШТЕ МНОГУ РАБОТА КАЈ ПОЛИТИКИТЕ ЗА МАЛИ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА

МАЛИТЕ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО ЗАПАДНИОТ БАЛКАН

ДА СИ ПОВТОРИМЕ

МАКЕДОНСКОТО ЗЕМЈОДЕЛСТВО – ПРАШАЊА ШТО БАРААТ ОДГОВОРИ

НИШТО НЕ Е НЕВОЗМОЖНО

ПРАЗНИЦИТЕ И ЕКОНОМИЈАТА

ВАЖНИ ПОРАКИ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН ОД „САРАЕВО БИЗНИС ФОРУМ 2019“

КОЈ КОЛКУ РАСТЕ ЕКОНОМСКИ ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН?

БИЗНИС СЕКТОРОТ И НАСЕЛЕНИЕТО СЕКОГАШ ГО НАОЃААТ РАЦИОНАЛНИОТ ПАТ

ЧЕТИРИ СТРАТЕШКИ ОДЛУКИ ЗА ЕКОНОМСКИОТ РАСТ

СИРОМАШНА ДРЖАВА СО НЕИСКОРИСТЕНИ РЕСУРСИ

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ И ЕКОНОМИЈАТА

ПОПИСОТ КАКО ОСНОВА ЗА ВАЖНИ ЕКОНОМСКИ ОДЛУКИ

НАЦИОНАЛЕН КОНСЕНЗУС ОКОЛУ ЕКОНОМСКИОТ РАСТ

Што е, всушност, Коморскиот инвестициски форум?

ДАНОЧЕН КАЛЕНДАР