ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ФЕЉТОН – Регионално обединување
20.05.2019 👁 Прочитано: 3220

РЕПУБЛИКА АЛБАНИЈА - ПАРТНЕР СО ЕКОНОМСКА СОРАБОТКА ВО МЕСТО


Сашо Деспотоски
Сашо Деспотоски, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија
Две соседни земји, и двете дел од Западен Балкан, двете со аспирации за  членство во Европската унија. Република Северна Македонија и Република Албанија го препознаваат Берлинскиот процес како модел и насока за побрзо и полесно интегрирање во европското семејство, што само по себе наведува на  продлабочување  и поттикнување пред се на меѓусебната економската соработка,  која сега е на исклучително ниско ниво и по обем и по структура.

Вкупниот обем на размената на двете земји во 2018 година изнесува 166,1 милиони САД $, со раст од 15,6% споредено со 2017 година. Извозот изнесува  89,2 милиони американски долари и евидентира зголемување од 20%, додека увозното салдо е 76,9 милиони долари, со зголемување од 11,1% во однос на претходната 2017 година. Во меѓусбената размена, евидентиран е суфицит од 12,27 милиони долари, кој во однос на 2017 година е зголемен за 237,8%. Суфицитот во размената на македонска страна се евиденотра и во претходниот период од 2006 година наваму. Сепак, ваквата трговска  соработка не кореспондира со нивото на добрите политичките и дипломатските односи, со можностите со кои располагаат двете економии, со фактот дека сме блиски соседи со отворени и пријателски пазари.

Како членки на Светската трговска организација (СТО) и потписнички на Договорот за слободна трговија во Централна Европа (ЦЕФТА) 2006, Македонија и Албанија се земји со средно висок доход, кои поминаа долг процес на транзиција кон пазарно ориентирано стопанство и спроведоа голем број реформи насочени кон подобрување на деловното окружување и привлекување на странски инвеститори се со цел да се зголеми економскиот раст.

Помеѓу двете земји постои солидна основа за продлабочување и проширување на соработката, особено во делот за заедничкиот настап на трговски саеми, организирање билатерални деловни средби и форуми, поттикнување на формите на прекугранична соработка и изработка на заедничка туристичка понуда. Во таа насока треба и да се дефинираат насоките како и потребата од утврдување на стратешка програма за зголемување на соработката со вклучување како на политичките така и на економските чинители.

Но ако се има во предвид дека нашата земја и Албанија имаат многу слаба развиена инфраструктурна поврзаност, како еден од општите предуслови за поттикнување и продлабочување на трговската и  економска соработка, тогаш сосем извесно е дела приоритет за развој на  регионалниот бизнис е изградбата на патната и железничката инфраструктура меѓу двете соседни земји. Кога се потенцира инфраструктурата мора да се забележи дека од албанска страна се направени многу поинтензивни чекори за патно и железничко поврзување, но за да може   ваквата инвестиција да се материјализира и да биде одржлива на долг рок, потребно е да се инвестира и во изградба на инфраструктурата и од другата страна, конкретно во нашата земја.

Токму затоа бизнис секторот и од двете земји бара од државните органи на двете држави, да ги подржуваат нивните иницијативи и вложат поголеми напори во оваа насока. При тоа акцент се става на потребата за инвестирање пред се на „Коридорот 8“ што ги поврзува двете земји, но и земјите помеѓу Црното Море преку Бугарија преку Јадранското и Јонското Море до Италија. Во оваа насока не помало значење има патното поврзување заради поголема искористеност на  пристаништето во Драч. Не помалку значаен е и патниот правец од Дебар кон Тирана, со што патувањето се крати за околу еден час. Посебен предизвик ќе претставува интензивирање на соработката за доизградба на неопходните железнички линии, како иден економски крвоток помеѓу двете земји.

Енергетиката претставува клучен економски двигател и затоа, во наредниот период потребно е поголемо заедничко ангажирање на надлежните институции за дефинирање на можните решенија за интерконективно поврзување на двете земји во делот на електроенергетскиот и гасоводниот систем. Од големо значење е продолжување и поттикнување на инфраструктурните инвестиции во енергетскиот сектор и соработката во областа на природниот гас како стратешко партнерство меѓу двете земји, што ќе овозможи обезбедување на сигурност и диверзификација на снабдувањето со природен гас.

РЕПУБЛИКА АЛБАНИЈА - ПАРТНЕР СО ЕКОНОМСКА СОРАБОТКА ВО МЕСТОДвете земји имаат различно ниво на развој на туризмот и инфраструктура поврзана со туризмот. Сепак, имајќи ја во предвид близината, како и припадноста на еден исто регион, постои голем потенцијал, да се подготви заедничка туристичка понуда со цел да се привлечат туристи заинтересирани за различни видови на туризам.

Општата карактеристика е дека Македонија и Албанија се соседни земји, блиски народи, со исти проблеми, исти надежи кон иднината, со исти евроатлански стремежи, кои паралелно чекорат кон Европската Унија. На тој пат,  бизнисот ги препознава сличностите и потенцијалите за заедничко дејствување.

Сепак потребни е што поскоро заживување и имплементирање на заедничко гранично управување „One Stop Shop“ на патниот граничен премин Ќафасан – Кафтане, што ќе овозможи унапредување на економска соработка помеѓу двете земји, каде од воведувањето заеднички контроли на надлежните органи најголема придобивка ќе биде кај протокот на стоки, каде нема да има двојна царинска, санитарна, ветеринарна контрола на стоката а со тоа ќе го преполовиме времето на чекање на камионите, на стоките, па и на патниците.