ДРАСТИЧЕН ПАД НА ПРОИЗВОСТВОТО НА СТРАНСКИТЕ КОМПАНИ ОД АВТОИНДУСТРИЈАТА ВО ЗЕМЈАВА
👁 Прочитано: 5793



ДРАСТИЧЕН ПАД НА ПРОИЗВОСТВОТО НА СТРАНСКИТЕ КОМПАНИ ОД АВТОИНДУСТРИЈАТА ВО ЗЕМЈАВА

Виктор Мизо, директорот на „Костал Македонија“ и претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство во рамки на Советот на странски инвеститори при Комората

Извозот од компаниите во зоните во јануари оаа година бил помал за 21%, во февруари за 3,12%, додека во март за 16,8% во однос на истиот период минатата година, пред да следи големиот пад во април и мај. Во првите пет месеци од фабриките во зоните извозот е помал за 38,9% во однос на првите пет месеци лани, и изнесува 705,13 милиони евра. Ова се должи пред се на трендот на пад на побарувачката во автомобилската индустрија кој започна уште во 2019, проблемите во синџирите на снабдување во автомобилската индустрија на глобално ниво, коишто настанаа откако во Кина уште во јануари се затворија многу фабрики по избувнувањето на корона – епидемијата во Вухан, односно и по прекинувањето на бродскиот транспорт и зголемените трошоци за бродски транспорт, како и повисоки цени на електронски компоненти од европските дистрибутери.

Во Кина се наоѓаат голем број на производители на компоненти и делови за автомобилската индустрија, чиишто производи делумно завршуваат директно во погоните на светските автомобилски брендови, но добар дел и во нивните подизведувачи како што се фабриките во Македонија, каде што по понатамошна обработка и финализирање се праќаат на вградување во возилата. Сето ова во комбинација и со намалената побарувачка за автомобили во критичните месеци – бидејќи ретко кој размислувал за нов автомобил среде таква паника – предизвика драстично намалување на производството на нови возила, следствено и намален капацитет на фабриките во земјава.

Не можат да се применуваат исти аршини за големите странски извозни компании со напредно производство и малите и микро бизниси од услужната дејност, на пример. Првите го немаат проблемот на ликвидност од тој карактер, а имаат многу посериозно влијание врз локалната економија. Нивната поддршка значи и брзо закрепнување на економијата по завршување на кризата преку големиот број на вработувања, уделот во извозот и генерално во приливот на странски капитал и трансфер на знаења.

Паралелно, мора да се гледа и долгорочно, значи овој нов пакет да биде проследен со развојни компоненти во насока на подобрување на конкурентноста на присутните и компаниите кои дополнително би можеле да инвестираат во земјата. Намалување на високите царински стапки за увоз на одредени материјали станува императив. Тоа е старо прашање на кое подолг период се очекува системски одговор од државата.

На крај, сите сериозни корпорации ќе вршат длабински анализи и компарации за државната поддршка која ја добиваат нивните експозитури во земјите од регионот. Ова ќе биде одредницата клучна за натамошно ширење на производството во земјата и вклучување во новите текови на пост -пандемиската автомобилска индустрија.

Служба за информирање при Комората