ПРЕДЛОГ - ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ТРГОВСКИТЕ ДРУШТВА



Со членовите 1, 2, 3 и 4 од Предлог на законот се воведува поедноставена форма на Друштво со ограничена одговорност, со основна главнина од 1 евро, основано најмногу со тројца основачи, кои можат да бидат само физички лица. За Поедноставеното друштво со ограничена одговорност се предвидени посебни правила од аспект креирање законска резерва и располагање со добивката. Целта на овие решенија е  да се овозможи основање друштво со ограничена одговорност со симболичен минимален износ на почетен основачки капитал од 1 евро, од страна на лица-граѓани кои имаат идеја за водење бизнис, но немаат доволно средства во износ од најмалку 5.000 евра основачки капитал, за да отпочнат сопствен бизнис. Со примената на одредбите од Предлог законот се очекува и намалување на сивата, нелегална економија во државата.

Со членовите  5, 6 и 7 од Предлог на законот се укинуваат причините за поведување постапка за бришење неактивен субјект од трговскиот регистар по службена должност од страна на Централниот регистар на Република Северна Македонија. Останува, единствено можноста за отпочнување постапка за бришење неактивен субјект, доколку статусот „неактивен“ е утврден од страна на Управата за јавни приходи, три години по ред, согласно членот 477-а од Законот. Имено, се предлага од Законот за трговските друштва да биде избришан членот 552-б, во кои се утврдени причините за бришење трговец поединец и трговско друштво од трговскиот регистар, што како постапка по службена должност ја отпочнува  Централниот регистар: не доставување годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година, не пријавување упис на адреса на електронско сандаче за прием на писмена согласно со членот 21 став (4) од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на единствениот трговски регистар и регистарот на други правни лица, и по истекот на една година од објавувањето на уписот на веб страницата на Централниот регистар на Република Македонија за извршен упис на основање согласно со членот 175 од овој закон не го внесе/уплати основачкиот влог. Бришењето на членот 552-б се предлага бидејки наведените причини за поведување постапка на бришење трговски субјекти, веќе се покриени со соодветни прекршочни санкции, поради што се цени дека нема потреба, трговските субјекти да бидат неколку кратно санкционирани за еден ист вид прекршок. Истовремено, се укажува на членот 477-а во кој е предвидена постапката на утврдување статус неактивен субјект од страна на Управата за јавни приходи, и спороведување постапка за негово бришење согласно членот 552-а, остануваат на сила.    

Воедно, со Предлог на законот се врши усогласување со Законот за прекршоци, објавен во Службен весник на Република Северна Македонија бр. 96 од 17.05.2019 година.

Се уредува дека започнатите постапки за бришење неактивни субјекти од трговскиот регистар согласно членот 552-б, започнати до денот на влегувањето  во сила на овој закон, ќе продолжат согласно Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр. 28/2004, 84/2005, 25/2007, 87/2008, 42/10, 48/10, 24/11, 166/12, 70/13, 119/13, 120/13, 187/13, 38/14, 41/14, 138/14, 88/15, 192/15, 6/16, 30/16, 61/16, 64/18 и 120/18).

Се предвидува овој закон да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Северна Македонија“.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје