Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ОБРАЗОВАНИЕ
20.06.2019 👁 Прочитано: 2537

Националната рамка на квалификации и дуалното образование


 

Наташа Јаневска
м-р Наташа Јаневска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија
Изминатиов период бевме фокусирани на потребата од воведување дуален систем на образование во нашата земја и стекнување релевантни квалификации според потребите на бизнис заедницата. Тоа поттикна неколку прашања:

1. Што значи релевантни квалификации?

2. Каде се систематизирани овие квалификации?

3. Колку сме информирани за Националната рамка на квалификации?

И следно прашање кое се наметнува е зошто, токму сега, се споменува Националната рамка на квалификации, односно која е нејзината врската со дуалниот систем на образование?

За да одговориме на прашањата треба да бидеме информирани дека Националната рамка на квалификации која е воведена во 2013 година, претставува национален стандард за воспоставување системот на квалификации стекнати во нашата земја.

Таа ги систематизира квалификациите во осум нивоа и дава прегледност и споредливост на истите.

Нејзината употреба придонесува за намалување на јазот помеѓу вештините што ги стекнале учениците и оние што ги бараат компаниите. Тоа значи, креирање на квалификации потребни на бизнис секторот за обезбедување квалификуван кадар што ја отсликува нивната релевантност, а истовремено, испорака на квалификациите преку системот на дуалното образование, стекнување знаења во училиште и практични вештини и компетенции на работно место во компанија.

Тоа се одговорите на прашањата, а посебно за врската помеѓу Националната рамка на квалификации и дуалниот систем на образование. Но, тоа е само една од нејзините придобивки за дуалниот систем на образование.

Затоа, тука се фокусирам на четири главни придобивки од Националната рамка на квалификации во воведувањето на дуалниот систем на образование:

1. Воспоставување рамнотежа помеѓу потребите на пазарот на работна сила и понудата на квалификации од страна на образованието и обуката - Образованието мора да има визија за предвидување на идните вештини и компетенции кои ќе се бараат на пазарот на труд и да креира квалификации кои ќе одговараат на потребите на бизнис заедницата. Потребите на бизнис заедницата се изразени преку резултатите од учењето (знаењето, вештините и компетенциите), а со читање на резултатите од учењето работодавачот добива сознание за компетенциите што ги поседува носителот на квалификацијата.

2. Визија за реформи и модернизација на системот за образование и обука - Неусогласеноста на потребите на пазарот на работна сила и понудата на квалификации од страна на образованието несомнено ја наложи потребата да се изнајдат соодветни решенија за обезбедување динамична економска иднина и поголема флексибилност на образованието. Тоа поттикна да воспостави нов процес за постигнување релевантни резултати од учење кој се реализира преку модуларизација на образовните програми во стручното образование и стандардизирање на она што треба да се стекне како знаење, вештини и компетенции преку воведување Стандард на занимање и Стандард на квалификација . Стандардот на занимање го претставува јазикот на којшто зборува бизнис заедницата и ги опишува функционалните задачи на занимањето и компетенциите потребни за извршување на занимањето, додека Стандардот на квалификација е јазикот на образованието, со кој се опишува како да се стекнат знаењата, вештините и компетенциите потребни да се извршуваат функциите и работните задачи на занимањето. Практични вештини се стекнуваат преку реализација на практична обука кај работодавач/компанија и претставува можност бизнис секторот да обезбеди квалитетен кадар, кој веднаш ќе се вклучи во работниот процес. Тоа го претставува дуалниот систем на образование.

3. Заедничка платформа на соработка и комуникација на образовните институции и бизнис секторот - Пред воспоставувањето на Националната рамка на квалификации единствени креатори на образовните политики беа Владата и образовните институции. Денес, преку дизајнирањето на нови квалификации и модернизирањето на постојните, значајна е улогата на бизнис секторот во стандардите на занимања и стандардите на квалификации за да ги искаже своите потреби за недостаток на човечки капацитет и квалификувана работна сила. Во овој процес, бизнис секторот фокусот го става на тоа што треба да знаат и за што треба бидат оспособени лицата по стекнување на квалификацијата, а не што треба да учат. Тоа ја зголеми важноста на секторските комисии за квалификации за да ги идентификуваат потребите за сите видови квалификации во согласност со потребите на пазарот на трудот и општеството и потребата од дуален систем на образование.

4. Единствен систем за осигурување квалитет и доверба во квалификацијата што ја поседува поединецот – Креирањето на квалификациите заедно со бизнис секторот и стекнувањето квалификации преку дуалниот систем на образование значи дека се осигурува квалитет во целиот процес и ја поттикнува довербата во квалификацијата што ја поседува поединецот.

За крај, сакам да потенцирам дека и нашата земја исто како и економски развиените земји Австрија, Германија, Швајцарија или Англија (каде функционира дуалното образование) има развиена и моќна Национална рамка на квалификации. Но она на што треба да работиме во следниот период е поголема флексибилност на образованието и воспоставување силен систем на дуално образование. Во спротивно, функцијата на Националната рамка на квалификации би била беспредметна.