Соопштенија, вести, актуелности - Приказ на содржина

26.11.2018


Актуелно  

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРАНСПОРТ И ВРСКИ И БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА ВО ПАРТНЕРСКИ ОДНОС ЌЕ ГИ ДЕФИНИРААТ РЕГУЛАТИВАТА И СТРАТЕШКИТЕ ПРИОРИТЕТИ ЗА РАЗВОЈ НА ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР


Тргнувајќи од потребата да се отвори дискусија за идните проекции на капиталните инвестиции, реализацијата на капиталните проекти, плановите за објавување на тендерите, потребата и динамиката на донесување нови прописи од областа на градежниот сектор, Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија, на 26.11.2018 година, одржа работна средба со министерот за транспорт и врски, м-р Горан Сугарески, на којашто присуствуваа претставници од бизнис заедницата, Министерството и стручната јавност.

Градежништво

-Целта на работната средба е градежните компании пред министерот за транспорт и врски да ги презентираат состојбите во градежниот сектор, со акцент на состојбите во изминатата година која беше една од најтешките години за градежништвото ако се земат предвид последните петнаесетина години. Со нашите предлози и препораки сакаме да придонесеме во определување на насоките во кои треба да се развива градежништвото во следниот период, со цел креирање позитивна атмосфера за работење на градежните компании. Во таа насока, претходно неопходно е ревидирање на законската регулатива, пред се` на Законот за градење, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за јавните набавки како едни од суштинските прописи кои го засегаат нашето работење, - истакна претседателот на Здружението, Андреа Серафимовски.

Градежништво

-Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека градежната активност во првото полугодие на 2018 година, наспроти истото минатата година е значително намалена. Падот на учеството на градежништвото во бруто домашниот производ за првите шест месеци годинава, наспроти истиот период во 2017 година, изнесува 25,1 %. Според податоците, во овој период бројот на издадени одобренија за градење се намалил за 22,5%, а предвидената вредност на објектите за 25,7 %. Пад во овој период забележале и вкупната вредност на договорените градежни работи од 46%, како и вкупната вредност на извршените градежни работи од 13%. Намалување е забележано и кај градежната активност на домашните компании во странство, при што вредноста на договорените градежни работи во странство бележи намалување од 40,3 %. Заклучно со септември 2018 година, реализацијата на капиталните инвестиции пред ребалансот на Буџетот изнесува само 27,43 %, односно 36,6% после ребалансот на Буџетот за 2018 година, при што во првите 9 месеци од 2018 година се реализирани инвестиции од 6,6 милијарди денари, наспроти 11,5 милијарди денари реализација минатата година, - информираше Серафимовски.

Во широката дебата со министерот за транспорт и врски, градежниците дадоа конкретни забелешки и предлози по доставените нацрт-текстови на Законот за градење и Законот за просторно и урбанистичко планирање. Здружението ја истакна потребата во консултација со компаниите при подготовката на Законот за градење, да се обрне посебно внимание на прашањата за енергетската ефикасност на градбите, проектот за инфраструктура за линиските инфраструктурни објекти, постапките за издавање на одобренијата за градење, подигнување на нивото на стручност на сите учесници во изградбата, условите за добивање и одземање на лиценци за правните лица. Во однос на Законот за просторно и урбанистичко планирање Здружението го поздрави процесот за донесување на комплетно нов Закон со кој се уредува просторниот систем, истакнувајќи дека нацрт-текстот на Законот предвидува значително подобри решенија од важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање и во истиот се имплементирани голем дел од забелешките кои претходно ги достави Здружението. Во насока на додефинирање на нацрт-текстот се предложи уште еднаш да се разгледаат прашањата кои се однесуваат на времетраењето на постапката за донесување на планските документации, транспарентноста во процесот за изработка и донесување на плановите, формирањето на јавни претпријатија за изготвување на планска документација, санкциите предвидени за планерите и други прашања за кои Здружението изготви и достави писмени предлози.

Градежништво

Дискутирајќи за капиталните проекти, компаниите се интересираа за повеќе патни делници: автопатиштата во рамките на Коридор 8, патот Тетово - Призрен, железничките линии од Куманово кон Крива Паланка и границата со Бугарија, од Битола кон  Меџитлија и границата со Грција и од Кичево кон Ќафасан – границата со Албанија, нагласувајќи дека е потребно сериозно внимание да се посвети на развојот на железничката инфраструктура со оглед дека железничкиот транспорт е далеку поекономичен од патниот. Дополнително се истакна дека во насока на поддршка и јакнење на капацитети на домашните градежни компании, во следниот период потребно е да се размислува за воведување механизми за заштита и зголемување на конкурентноста на домашните компании во однос на странските што ќе бидат во рамки на пазарните услови на стопанисување и нема да ја нарушат слободната конкуренција на пазарот, како и за изнаоѓање конкретни решенија за поддршка на градежните компании за настап на странски пазари (при банкарски гаранции, логистичка и друг вид поддршка на конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, извозно ориентирани мерки за поттик и поддршка).

Во присуство на претставници на Институтот за стандардизација, а во насока на подигнување на квалитетот на градбите и градежните материјали, се дискутираше за потребата за почитување на стандардите за градежништвото и за јакнење на административните капацитети на органите коишто вршат контрола на квалитетот на терен.

Градежништво

Министерот за транспорт и врски, м-р Горан Сугарески, се заблагодари на поканата на Здружението и изрази подготвеност ваквите средби да станат практика имајќи предвид дека развојот на градежништвото е од заеднички интерес за Министерството и бизнис заедницата која како партнер учествува во дефинирање на регулативата и стратешките проекти кои се реализираат од страна на Владата. Во однос на законската регулатива, министерот истакна дека најголемиот дел од забелешките по Законот за просторно и урбанистичко планирање се прифатени, како и дека Законот за градење ќе се подготвува со широка вклученост и консултации со компаниите. Исто така, тој информираше дека очекува раздвижување на градежната активност и враќање на состојбите во градежништвото на посакуваното ниво, имајќи предвид дека најголем дел од проблемите во реализацијата на капиталните проекти се надминати, а во текот на следната година за капитални проекти се предвидени над 300 милиони евра, кои ќе бидат инвестирани во развојот на транспортната инфраструктура, изградбата на водоводна и гасоводна мрежа. Дополнително, министерот истакна дека со цел поддршка на општините, Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски ќе инвестира за изградба и реконструкција на локалната патна мрежа во општините, за што се предвидени средства во износ од 70 милиони евра преку Светската банка. Во таа насока, со цел поголема координација и успешна реализација на предвидените проекти се заклучи во следниот период да се одржи работна средба на Здружението со Министерството за транспорт и врски и Заедницата на единиците на локалната самоуправа.

м-р Нена Николовска











 

Премиум покровители

Покровители

Силвер покровители

Партнери

Државни институции

Меѓународни институции

© 2008 Стопанска комора на Македонија, задржани сите права