Сингапур го завзема првото место како најголема конгресна дестинација во светот, со одржани повеќе од 1.000 настани во 2019 година
➢ Актуелно (05.08.2020)
👁 Прочитано: 849



Сингапур го завзема првото место како најголема конгресна дестинација во светот, со одржани повеќе од 1.000 настани во 2019 година

Преку исполнување на многубројни критериуми, Унијата на меѓународните здруженија со седиште во Брисел (UIA), во својата годишна анализа вбројува како владини така и невладини организации со број на учесници на настани. Врз основа на анализата подготвена од Унијата за 2019-та година, Сингапур го завзема првото место како најголема конгресна дестинација.

UIA секоја година го објавува Извештајот за најдобри дестинации на конгресен туризам во светот. Оваа година со обемна статистичка анализа биле опфатени вкупно 161 земја и 1.251 градови.

На листата, по градови, после Сингапур, второто место по најмногу одржани годишни настани, го завзема Брисел, Сеул се наоѓа на трето, Париз на 4-то, а Виена на 5-то место. На врвот на листата се наоѓаат водечките конгресни градови ширум светот како и бројот на одржани конференции во последната година: Сингапур (1.116), Брисел (961), Сеул (579), Париз (375), Виена (306), Бангкок (290), Токио (288), Лондон (207), Мадрид (200) и Лисабон (199).

Кога е во прашање статистиката по земји, прво место го завзема Сингапур, потоа следат Белгија и Јужна Кореја. Австрија се наоѓа на 10-то место со вкупно одржани 386 настани како земја од кои најголем удел има Виена со околу 79%.

По земји листата изгледа вака: Сингапур (1.116), Белгија (1.090), Јужна Кореја (1.018), а потоа на листата следат САД, Јапонија, Франција, Шпанија, Германија, Велика Британија и Австрија.

 

Служба за информирање при Комората