ДОДЕКА ДРУГИТЕ ОДМАРААТ... КИФ И КОМОРАТА ДЕЈСТВУВААТ
👁 Прочитано: 4103



ДОДЕКА ДРУГИТЕ ОДМАРААТ... КИФ И КОМОРАТА ДЕЈСТВУВААТ

-КИФ работи на изработката на регионалната економска агенда, каде реалниот сектор ќе биде вклучен во мониторингот

-КИФ донесе одлука за организирање заеднички бизнис-делегации при државните посети на далечните пазари, без разлика кој ќе ги предводи тие делегации од земјите на Западен Балкан

-Комората на највисоко ниво ќе оствари средби со своите партнери во Србија, Грција и Бугарија, на кои ќе претходи анкетирање на членството за прашањата што во тековните околности се јавуваат како отворени за компаниите кои соработуваат со овие земји

-Комората одлучи седниците на Управниот одбор да ги одржува во просториите на компаниите-членки заради подобро вмрежување

 

Добар бизнисмен знае дека бизнисот ниту еден ден не се остава да застане – еден од потпретседателите на Комората често знае да каже дека водењето на компанија е како возење на велосипед – ако престанеш да вртиш ќе паднеш. Особено беше тешко да се продолжи непречено да се врти во изминатите месеци, а за жал очекувањата се дека предизвиците ќе продолжат и во месеците, а можеби и во годините што се пред нас.


Една од основните задачи што ги имаме како Комора да ги помагаме напорите на сите Вас за одржување на деловните активности и развој на вашите бизниси, во изминатиот период ги реализиравме преку секојдневно информирање за сите ограничувања, забрани и промени во режимот за стопанисување во вонредните околности со кои се соочувавме. Но, паралелно работевме и на прашањето – што понатаму? А тука се отвораат неколку фронтови.


1. Регионалните пазари се првиот и најважен фронт – обемната документација, чекањето на границите и нетарифните „сопки“ ширум регионот на сите ни се добро познати, а  бизнисот е презаситен од стратегиски анализи и потпишување на меморандуми кои нив ништо практично не им менуваат. Затоа, во Комората преку Коморскиот инвестициски форум (КИФ) изминатиов период активно работиме на креирањето на Регионалната економска агенда за периодот 2021-2024 година, која ќе ја постави рамката за воведувањето на регионалната економска област во Западен Балкан и ќе овозможи четирите слободи кои се основата на европската интеграција (слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал) да ги донесеме дома. Документот формално ќе биде усвоен на Самитот во рамките на Берлинскиот процес на 10 ноември во Софија, а досега успеавме значајно да придонесеме за промена во поставеноста на приоритетите на тој процес – како таргети да се постават конкретни и реални придобивки за компаниите, а бизнисот да биде вклучен во целиот тек на овој процес. Водечките бизнисмени од целиот регион веќе беа вклучени во конципирањето на активностите за зајакнување на регионалната економска соработка, а Бизнис советот на КИФ ќе биде континуирано вклучен во мониторингот на имплементацијата на овој документ. И што е најважно, документот треба да содржи конкретни индикатори за постигнувањата, кои ќе се контролираат на месечно ниво.


2. Освен регионалните пазари, за членките на Комората преку КИФ ќе овозможиме пристап и до третите пазари, кои на државно ниво не ни се достапни – активно работиме на спроведувањето на иницијативата при државните посети на највисоките претставници на власта (претседателот или премиерот на државите од Западен Балкан) на далечните пазари секогаш во придружба да оди бизнис делегација, која ќе се состои од бизнисмени од целиот регион на Западен Балкан. Но што е уште поважно, работиме на можностите добрите деловни врски што ги имаат нашите партнери од КИФ со некој од далечните пазари (на пример, Србија на рускиот и на кинескиот пазар, или БиХ на турскиот пазар или пазарите од Блискиот исток) да можат на ист начин да ги користат и македонските компании.


3. Статистичките податоци (дури и пред состојбите поврзани со коронавирусот КОВИД-19) покажуваат своевидно ниво на стагнација на економската соработка со соседните земји (Грција, Бугарија и Србија), односно обемот на економска размена со овие земји не расте со посакуваната динамика – затоа во следните месеци на највисоко коморско ниво ќе реализираме посети во овие земји, за да се поразговара за потребните промени за заживување на заемната соработка, а на овие посети ќе претходи анкетирање на членството за прашањата што во тековните околности се јавуваат како отворени за компаниите кои соработуваат со Бугарија, Грција или Србија.


4.  На крајот, нови бизниси, заеднички потфати и инвестиции се започнуваат со партнери што добро се познаваат помеѓу себе – Комората е токму тој форум кој ги поврзува компаниите од различните сегменти од пазарот. Затоа, почнувајќи од септември, седниците на Управниот одбор на Комората нема да се одржуваат во нашата зграда, туку во просториите на компаниите-членки на Управниот одбор. Дополнително, ако условите тоа го дозволуваат, ќе организираме и заеднички седници на Управните одбори на Коморите од КИФ со кои сме во секојдневна соработка (Унијата на стопански комори на Албанија, Комората за надворешна трговија на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Србија и Стопанската комора на Косово) во кои членуваат водечките компании од регионот.

п.с.1  Пациент му се жали на докторот:
-    Докторе патам од несоница, не знам што да правам.
-    Зошто не пробате со стариот трик за спиење – да броите овци?
-    Не, докторе! Јас сум бизнисмен, ќе ги избројам до крај, па потоа ги товарам на шлепер за продажба, па потоа цела вечер пресметувам колку данок,  парафискални давачки и предизборен рекет треба да платам.

п.с. 2 Добро е што глобалната пандемија придонесе барем за една добра работа – сите да ги научиме убавините ширум Македонија. А има многу што да се види!

 

Бранко Азески
Претседател на Стопанска комора на Македонија