АНГЕЛОВСКА: ОД ПОЧЕТОКОТ НА КРИЗАТА, ВО ЈУЛИ ИМАШЕ ЗА ПРВ ПАТ РАСТ НА ПРИХОДИТЕ ВО БУЏЕТОТ
➢ Актуелно (04.08.2020)
👁 Прочитано: 1928


Во јули се забележува прв месечен раст на приходите во буџетот од почетокот на КОВИД-19 кризата, со месечен раст од 1,4% во однос на лани. Ова се должи на растот на придонесите, но и на повеќе видови даноци
АНГЕЛОВСКА: ОД ПОЧЕТОКОТ НА КРИЗАТА, ВО ЈУЛИ ИМАШЕ ЗА ПРВ ПАТ РАСТ НА ПРИХОДИТЕ ВО БУЏЕТОТ

По реализацијата во јуни која бележеше значително подобра наплата на приходите од април и мај, по олабавување на рестрикциите и реотварање на економијата, резултатите за јули укажуваат дека ревитализацијата на економијата се одвива со добра динамика.
Вкупната наплата на приходи во јули изнесува 17,9 милијарди денари. Даночните приходи се наплатени во износ од 10,2 милијарди денари, или 1,7% помалку од лани. Данокот на додадена вредност за првпат од почетокот на кризата забележува раст во однос на минатата година од 1,2%, што следи по падот во јуни од 7,5%, и високиот пад во мај и април од -33 и -43,5% респективно. Се забележува и висок раст на увозните давачки од 18,3%, понатаму раст на персоналниот данок од 0,4%, додека помала наплата има кај акцизите и данокот на добивка.
Придонесите забележуваат раст од 11,9% во однос на истиот месец лани, со што продолжува добриот тренд на наплата на продонесите од јуни, кога беше забележана иста стапка на раст од 12,3%. Растот на придонесите во време на криза во голема мера може да се препише на мерките кои ги презема Владата односно поддршката од 14.500 ден по вработен заради исплата на платите за април, мај и јуни, соопштуваат од Министерството за финансии.


Заедно со јули, кумулативно од почетокот на годината, падот на приходите во однос на минатата година е намален на -7,4%, додека заклучно првото полугодие кумулативно изнесуваше 9% во однос на лани. Даночните приходи сега бележат пад од 11,3% кумулативно, додека заклучно првото полугодие бележа пад од 13% во однос на лани.
Придонесите бележат раст од 8,6% во однос на истиот период период лани, додека заклучно првото полугодие бележеа раст од 8%. Ова е добар сигнал за движењата на пазарот на труд. Стапката на раст покажува дека мерките за поддршка за зачувување на работните места во борба против КОВИД-19 кризата даваат резултати, се додава во Соопштението од Министерството.
Расходната страна заклучно јули бележи раст од 11,6% на годишно ниво, во најголем дел како резултат на преземените мерки во борба против КОВИД-19 кризата. Оправданоста за ваквиот пораст на расходите се содржи во исплата на: повисоки пензии, социјална помош, плати, како и поддршка за фирми и граѓани погодени од КОВИД во износ од околу 6,9 милијарди денари. Исто така и капиталните расходи се повисоки за 14,4% во однос на лани. Дефицитот заклучно со јули е реализиран 4,76% од БДП и е согласно планираната динамика со Ребалансот, соопштува Министерството за финансии.


“И покрај предизвиците со кои се соочува македонската економија, во услови на справување со КОВИД, извршувањето на буџетот се одвива по план. По реализацијата на вкупните приходи во јуни кои изнесуваа -9,6% споредено со лани кога рестриктивните мерки почнаа да се олабавуваат и економската активност да заживува, позитивната реализација во јули со раст од 1.4% говори дека заживувањето се одвива со добра динамика. Целта на Министерството за финансии е да обезбеди континуирано извршување на Буџетот, без застој, во законски утврдените рокови, односно вработените да земат плата, социјално загрозените да ги добијат навремено своите надоместоци, фирмите редовно да ги наплаќаат своите побарувања кон буџетските коирсници, да нема заостанати обврски, како и навремен поврат на данок. Тука се и мерките за КОВИД, поддршка која државата ја дава на граѓаните и фирмите, во согласност со можностите, преку домашната платежна картичка, преку субвенционраните плати и придонеси, преку одложувањата на плаќањата на даночните обврски. Очекувањата се дека во третиот и четвриот квартал од годината постепеното опоравување на домашната економија и заживување на економската активност ќе продолжи со засилено темпо. Со оглед на непредвидливоста која ја носи оваа пандемија, финансирањето на буџетот е обезбедено и во случај на евенутален втор бран” – вели министерката за финансии Нина Ангеловска.


Инаку, Министерството за финансии во насока на поголема транспарентност, од почетокот на КОВИД -19 кризата, порано го објавува месечното извршување на буџетот, односно наместо на крајот на месецот – се известува на почетокот на месецот за реализација на буџетот.

 

Служба за информирање при Комората