ВИЗИЈАТА И СТРАТЕГИЈАТА
👁 Прочитано: 6924



ВИЗИЈАТА И СТРАТЕГИЈАТА

Патот кон просперитетна економија и поквалитетен живот води преку длабоки реформи, подобрување на функционирањето на институциите и зголемување на јавните инвестиции во развојно-ориентирани активности. За постигнување на претходното неопходна е визија, базирана на објективни и економски издржани анализи.

Сериозните држави анализираат и планираат долгорочно, за што сведочат примерите како Холандија, која својот развој го планира до 2040 година, Ирска чиј Национален развоен план го покрива периодот од 2018-2027 година, Чешка и Словачка со планови до 2030 година и други бројни примери нa држави со визија.

Кај нас три децении наназад обидите за подготовка на развојни стратегии се без сериозни резултати, како во подготовката, така и во нивното спроведување.*

Во отсуство на долгорочна стратегија проектите како „Чебрен-Галиште“ (кој датира од седумдесеттите години на минатиот век), „Вардарска долина“ (за кој уште во 1932 година се бара финансирање за изградба на каналот Морава-Вардар-Егејско море), пругата кон Бугарија (проект кој е константа во партиски програми на секој изборен циклус од 1993 година до денес) и многу други капитални проекти наликуваат на легенди и бајки кои се прераскажуваат од колено на колено, без реални шанси некогаш да бидат реализирани. Прашање е колку од нив во денешни услови се релевантни и дали и колкава додадена вредност на економијата би имале, имајќи ги предвид трошоците за  нивна релизација.

Целта на претходниот пасус не е да укаже на потребата од реализација на конкретните проекти, туку на тоа дека државата нема јасна визија и долгорочна стратегија за реализација на проекти, стратегија која ќе биде антипод на стихијата на делување кое е ставено во маргини на изборните циклуси, а кое најчесто се сведува на повеќекратно прекопување и асфалтирање на локални улички и на редење и прередување на бекатон плочки.

Нам ни е потребна развојна стратегија за која ќе постои национален консензус, согласност од стручната, деловната и политичката јавност. За одредени развојни проекти, особено за потребата од јавни инвестиции во инфраструктурата и енергетиката, мора да постои долгорочен прецизен план, со кој ќе се обезбеди предвидливост и извесност за бизнисот и за граѓаните. Неопходно е да тргнеме од сегашната состојба и постојните прилики во кои се наоѓаме, па да ги утврдиме можностите за нивно подобрување, како и инструментите и акциите со кои би се направило поместување до посакуваната, подобра позиција.

Со ваков пристап, би се обезбедила долгорочна предвидливост на политиките во домените кои се значајни за деловната заедница, би се насочиле ресурсите кон реализација на зацртаните цели и би се избегнала честа промена на приоритетите во делот на областите кои се значајни за економијата по теркот на политичките цели на партиите.

Постоењето на долгорочна развојна стратегија која ќе биде реално остварлива и која ќе биде своевиден „водич“ за активностите на владите во наредниот на пример десетгодишен период ќе овозможи Македонија да доживее период на континуиран економски раст, да стане целосно интегрирана во глобалната економија, со значително посилни институции, меѓународно афирмирана како граѓанска, стабилна и демократска држава.

 

 

*Во 1997 година е изготвена Национална развојна стратегија на Македонија од МАНУ, а во 2000 година, Владата донесе Рамковна програма за економски развој и реформи. Националната стратегија за евроинтеграција на Република Македонија од 2004 година, исто така, претставуваше обид да се систематизираат развојните приоритети од различни области, во насока на постигнување на основните цели и насоки во процесот на стекнување полноправно членство во ЕУ, а во 2006 година постојниот амбиент во државата Македонија  се анализира и се препорачуваат насоки за реформи во Синиот извештај подготвен од страна на домашни и странски експерти под покровителство на Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP). Други позначајни стратегиски документи кои требаше да имаат соодветно влијание при формулирањето на долгорочната развојна политика на Република Македонија се и Стратегијата за одржлив развој на Република Македонија (2009 година), како и Извештајот за конвергенција на Република Македонија кон Европска Унија (2009 година).Исто така, од 1995 година, а заклучно со 2013 година вo Министерството за финансии беше оформена база на податоци за инвестициски проекти од јавната инфраструктура на Република Македонија и се носеше Програмата за јавни инвестиции во Република Македонија, кој беше двогодишен документ.

м-р Анета Димовска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија